16.08.2024 Скопје
Еден човек е уапсен, а поранешниот извршен директор на државната Бугарска банка за развој, Стојан Мавродиев, и бизнисменот Румен Гајтански – Волкот, се бараат од страна на бугарското обвинителство поради истрага за присвојување на кредит од близу 150 милиони лева (околу 75 милиони евра).
Стојан Мавродиев е главната мета на обвинителството, кое го сомничи за присвојување средства од особено големи размери, за што следуваат меѓу 10 и 20 години затвор, вклучително и конфискација на имотот.
Румен Гајтански – Волкот и управителот на неговата фирма „Роудвеј констракшн“, Иван Георгиев, се обвинети како соучесници на Мавродиев – едниот како поттикнувач, а другиот како помагач.
Во јуни 2019 година, компанијата „Роудвеј констракшн“, поврзана со Румен Гајтански – Волкот, добила рекорден кредит од 148,5 милиони лева за да ја купи фирмата „Патстројинженеринг“, која исто така е поврзана со Гајтански. Рокот за враќање на заемот е 2029 година.
Како што наведува порталот медиапул.бг, фирмата што била предмет на купувањето е релативно мал локален играч, со седиште во село Груево, чии годишни приходи до тој момент се движеле меѓу 5 и 16 милиони лева. Претходниот сопственик на „Патстројинженеринг“ е „Био мајнинг“ – компанија што е во сопственост на Гајтански.
„Био мајнинг“ е големо друштво со приход од над 160 милиони лева. Преку ова скапо купување на „Патстројинженеринг“ уште во 2019 година, парите од ББР веќе се префрлени на Гајтански и банката тешко би можела да ги врати.
Заменик-градскиот обвинител на Софија, Дејан Захариев, соопшти дека од тројцата обвинети, само еден е пронајден – Иван Георгиев.
Стојан Мавродиев и Румен Гајтански – Волкот сѐ уште се бараат, но без да има издадена европска наредба за апсење или национална потерница.
Во случајот нема докази дека двајцата се надвор од земјата, изјави обвинителот Захариев. Тој објасни дека не е исклучено да има и обвиненија за перење пари во истиот случај.
Подготвено од М.Д.