24.08.2024 Скопје
Бугарската десничарска партија Препород, која е трета според бројот на пратеници во парламентот на соседната земја, ќе испрати делегација на форумот на БРИКС во Москва подоцна овој месец.
Земјите членки на БРИКС ќе се сретнат во Москва за да разменат искуства и идеи и да „изградат ефикасна деловна комуникација со претприемачите во Русија и други партнерски земји“, се наведува на интернет страницата на партијата Препород.
„Тоа ќе биде прилика за изградба на дипломатските односи и развој на потенцијални партнерства со земјите низ светот“, кажа лидерот на бугарската партија Костадин Костадинов.
Тој оцени и дека надворешната политика на Бугарија треба да биде „независна и во согласност со нашите национални интереси“.
Костадинов кажа дека неговата партија, на покана на заменикот министер на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, ќе испрати делегација на самитот на БРИКС во ноември.
Пред европските избори, делегација на Препород присуствуваше на конференција на владејачката руска партија Единствена Русија, а по посетата беше најавено дека таа партија ќе стане дел од групата десничарски партии Идентитет и демократија во Европскиот парламент.
Препород во моментов е дел од групата Суверенисти во Европскиот парламент, во која, меѓу другите, се наоѓа и Алтернатива за Германија.
Подготвено од М.Д.