BUGARIJA

12.08.2024 Скопје

Важни вести за парите ги возбудија Бугарите во минатата недела. Во средата пратениците конечно го изгласаа Законот за воведување на еврото во Бугарија. Целта е да се воведат правила според кои земјата ќе ја усвои единствената европска валута. Законот ќе стапи на сила веднаш штом Бугарија добие датум за усвојување на еврото. Се претпоставува декапогодни датуми се 1 јули 2025 година или 1 јануари 2026 година.

Владата веќе ги објави сите технички детали околу преминот од лев во евро, а објавена е и стратегијата како да се избегнат зголемената инфлација и други дисторзии на финансискиот пазар.

Новиот закон предвидува создавање правило за автоматска конверзија на износите од лева во евра по датумот на усвојување на единствената валута. Таканареченото „општо правило“ се однесува на конвертирање на вредностите со одредената стапка и заокружување на добиениот резултат на второто децимално место врз основа на третото децимално место во согласност со правилото за математичко заокружување. Се утврдува и стапката по која ќе се усвојува еврото, повторувајќи ја одлуката на Националното собрание. Неговата вредност во моментов е фиксирана на 1,95583 лева за 1 евро.

За една година во Бугарија има 271 нов милионер!

Накусо, одбројувањето до влезот на Бугарија во еврозоната веќе почна. Но, граѓаните на оваа земја, која во минатото преживеа големи турбуленции во економијата, си градат своја стратегија како да го преживеат и ако може, дури и да ќарат од промената на валутата. А стратегијата е едноставна и добро позната од минатото – што повеќе левови да се „затворат“ во имоти и во други вредности за кои Бугарите веруваат дека во иднина ќе „прават“ пари.

Првиот чекор е парите скриени „под перница“ да се внесат во банките. Најновата статистика на Бугарската национална банка од крајот на јуни покаќа дека во Бугарија се множат милионерите – и во депозити и во заеми. Главната причина е тоа што парите што се чуваат во банките автоматски ќе се конвертираат во евра. Но, доколку парите се скриени „под перница“, што е вообичаено секаде на Балканот, за конверзија на поголеми количества левови во евра ќе се бара доказ за потекло. А тоа во „европска“ Бугарија не е баш лесно…

Така, за само 3 месеци, бројот на луѓе кои имаат седумцифрени суми на сметките се зголемил за 77. Тоа значи дека секоја недела седум нови Бугари можат да се пофалат дека имаат депозит во банка повеќе од 1 милион левови. За една година Бугарија има повеќе од 271 милионер. Вкупно, во банките има 1.595 милионери, а вкупните депозити се повеќе од 4,235 милијарди лева. За споредба, пред една година имало 1.324 милионери и депозити од над 3,628 милијарди левови.

Кој има „легализирани“ левови, тој ќе има и евра!
Но, не се само милионерите тие што си бараат чаре за парите. Депозитите над 1 милион лева се на трето место по раст во рок од една година. Најбрзо пораснале депозитите на граѓаните со суми од 200.000 лева до 500.000 лева, покажуваат податоците на БНБ. Тие пораснаа за над 26% за една година. Од друга страна, статистиката повторно регистрира пад кај најмалите депозити, оние до 1.000 лева. Станува збор за близу стотина илјади банковни депозити, во вкупна вредност од близу 766 милиони левови.

Заклучокот е јасен – од конверзија на левовите во евра најмногу ќе ќарат богатите, оние што ќе успеат да стокмат повеќе пари на своите банкарски сметки. Времето кога речиси сите банки даваа нула камата на депозитите на граѓаните, а некои финансиски институции дури и престанаа да нудат орочени депозити за домаќинствата, помина. Последните трендови покажуваат дека каматите се одлепија од нулата и тргнаа нагоре.

Интересен податок е дека има голем пораст кај седумцифрените кредити. Тие се зголемени за дури 52%, при што 258 луѓе сега имаат заеми над 1 милион лева – 88 повеќе отколку во истиот период од 2023 година. Просечниот износ на овие заеми е 1,5 милиони лева. Заеми од 500.000 лева до 1 милион лева зеле 2.308 Бугари, што за една година претставува пораст од над 65%.

Што прават Бугарите со кредитите?

Најчесто ваквите суми се повлекуваат за купување луксузни имот или скапи автомобили, велат експертите.
На ова му погодува и фактот што хипотекарните кредити, според податоците на БНБ, се поевтини од лани. Така, во јуни, просечната стапка на нови кредити за купување станови и куќи изнесувала 2,52%, наспроти 2,57% пред една година. Годишната процентуална стапка (АПР) на станбените кредити, која покрај каматата ги вклучува и сите банкарски провизии, во јуни во просек изнесувала 2,82%, што се смета за поволно.

Истовремено, каматните стапки на потрошувачките кредити за домаќинствата се повисоки од оние на станбените, па се забележува тренд како и кај депозитите – се намалуваат малите кредити. Така, кај кредитите до 1.000 лева има намалување, а кај замите за домаќинствата меѓу 10.000 и 25.000 лева, кои најчесто се за купување автомобил, за поправка на домот или за опремување, зголемувањето е 5,6%.

Со еден збор, Бугарите еврото го дочекуваат со смели потези и игри на финансискиот пазар. Ионака левовите наскоро ќе станат бескорисна играчка…

Законот ги регулира правилата за двојна котација на цените, кои мора да започнат еден месец откако земјата ќе добие зелено светло за влез во еврозоната и да продолжи 12 месеци по датумот на усвојување на еврото. Засега наведената цел е тоа да биде 1 јули 2025 година.

Употребата на двете валути во исто време ќе се случи само во првиот месец од воведувањето на еврото, а во рок од 6 месеци банкнотите и монетите ќе може бесплатно да се менуваат од лева во евра во банките и во поштите.

Левовите од депозитите и тековните сметки автоматски ќе се претвораат во евра, а платите и пензиите повторно ќе се пресметуваат и исплаќаат во новата валута.

Законот предвидува со воведувањето на еврото трговците да не можат да ги зголемат цените на стоките и услугите што ги нудат, кога тоа не е оправдано со објективни економски фактори.

Во декларациите и обрасците што граѓаните и правните лица ќе ги пополнат по воведувањето на еврото и кои се однесуваат на даночни и други обврски кон државата или побарувања од државата за периодот што претходи на годината на воведување на еврото, износите ќе биди во бугарски лева. Сепак, самите плаќања врз основа на овие обврски и побарувања ќе се вршат во евра, при што износите ќе се претворат во новата валута по официјалниот фиксен курс.

Подготвено од М.Д.

About Author