LGBT

08.08.2024 Скопје

Бугарскиот парламент на 7 август усвои амандман за забрана на ЛГБТ „пропагандата“ во училиштата и гласаше за усвојување на посебен текст кој го дефинира концептот на „нетрадиционална сексуална ориентација“.

Амандманот на Законот за предучилишно и училишно образование предложен од проруската партија Преродба (Вазраждане) беше усвоен со 159 гласови за, наспроти 20 против и 10 воздржани.

Со него се забранува „пропаганда, промовирање или поттикнување на кој било начин, директно или индиректно, во образовниот систем на идеи и ставови поврзани со нетрадиционалната сексуална ориентација и/или родов идентитет различен од биолошкиот“.

Пратениците гласаа и за посебен текст кој ја дефинира „нетрадиционалната сексуална ориентација“ како „различна од општоприфатените и воспоставени поими во бугарската правна традиција за емоционална, романтична, сексуална или сензуална привлечност меѓу лица од спротивен пол“.

И овој текст исто така помина, но со помало мнозинство.

Главните аргументи за промените беа дека тие го одразуваат духот на бугарскиот Устав, кој предвидува дека бракот е само меѓу маж и жена, и православните вредности.

Повеќето критики за промените се фокусираа на терминот „нетрадиционална сексуална ориентација“.

„Кога земаме текстови од Википедија за да донесуваме закони, тоа не е десна ориентираност, не е конзервативна ориентираност и не е заштита на бугарските деца, тоа е евтин популизам“, рече Елисавета Белобрадова од реформистичката „Продолжуваме со промената“.

Нејзиниот колега од партијата на десниот центар ГЕРБ, Георги Георгиев, рече дека со усвојувањето на дефиницијата за „нетрадиционална сексуална ориентација“, пратениците направиле „невиден преседан“ во правниот систем на една земја-членка на ЕУ.

„Текстот е дискриминаторски и е во спротивност со Европската конвенција за човекови права“, рече тој.

Демонстрантите излегоа на улиците на Софија по усвојувањето на амандманот и текстот.

Луѓето скандираа „Срам да ти е“ и „Престани да ги бркаш луѓето од Бугарија“.

ЛевФем, левичарската феминистичка група која го организираше митингот, рече дека амандманот ќе ја оневозможи борбата против вознемирувањето во училиштата на млади лезбејки, геј, бисексуалци и трансродови луѓе.

Бугарскиот Хелсиншки комитет (БХЦ), невладина организација за права, ги повика пратениците да не ги усвојуваат измените, велејќи дека тие ги „кршат основните човекови права“, вклучително и оние што се содржани во бугарскиот Устав, како и во законите на ЕУ и меѓународните конвенции.

Подготвено од М.Д.

About Author