29.08.2024 Скопје
Службената влада на Република Бугарија е легитимна влада која ги има сите прерогативи за управување со земјата, пишува во соопштението од бугарското Министерство за надворешни работи, кое доаѓа како реакција на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека во октомври во Бугарија се закажани избори, а дотогаш земјата ќе има техничка (службена) влада, па затоа треба да се почека да заврши тој процес за да продолжи дијалогот меѓу двете земји кога во Софија ќе има политичка влада.
Од бугарското МНР велат дека Софија останува отворена за дијалог, без разлика дали земјата ја води службена или редовна влада. Но, како што нагласуваат од таму, тој дијалог не вклучува репреговарање на веќе преземените обврски од Скопје.
„Изјавата на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали ќе управува службена или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Република Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“, се вели во објавата од МНР на Бугарија.
Оттаму додаваат дека во летото 2022 година бил постигнат консензус меѓу 27-те земји членки на ЕУ и Република Северна Македонија, во кој, како што велат, целосно се опишани сите чекори за постигнување вистински напредок во процесот на европската интеграција на нашата земја.
„Бугарската позиција е јасно наведена и во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Таа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Република Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни преземените меѓународни обврски. Оваа позиција на национално ниво нема да се промени“, се додава во соопштението од бугарското министерство.
Оваа објава на бугарското МНР доаѓа откако Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека како Влада остануваат посветени на ова прашање и оти ќе продолжат и понатаму да работат за полноправно членство во Европската Унија, откако ќе се избере политичка влада во Бугарија.
Претходн и бугарскиот амбасадор во земјава кој е во заминување Ангел Ангелов во одговор на новинарски прашања рече дека не може да има преговори за нешто што е веќе договорено и дека тоа што е договорено мора да се испочитува и исполни.
Одговорот на Ангелов доаѓа по изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој, прашан дали има некакви сигнали за разговори во соседна Бугарија, неодамна рече дека Бугарија повторно влегува во изборна година и оти очекува дека што побрзо ќе се формира политичка влада со која, како што рече, ќе може да дискутира за да отвори дијалог на повеќе нивоа.
Подготвено од М.Д.