https://www.facebook.com/photo/?fbid=464070188417657&set=a.464070181750991

21.08.2024 Скопје

Политичките превирања, кои во Бугарија траат веќе повеќе од три години, се закануваат да прераснат во вистинска уставна криза, бидејќи претседателот Румен Радев во понеделникот одби да именува нова преодна влада за одржување предвремени парламентарни избори.

Радев, имено, соопшти дека нема да именува преодна влада на чело со Горица Кожарева, бидејќи таа барала Калин Стојанов да остане на местото министер за внатрешни работи. Стојанов на бугарската политичка сцена е спорна фигура поради наводната поврзаност со Делјан Пеевски, олигархот кој поради обвинувања за корупција е под санкции на САД и Британија.

Со својот потег Радев на неодредено ги одложи вонредните избори и формирањето редовна влада во најсиромашната членка на ЕУ.

Голем дел од парламентарните партии го обвинуваат актуелниот привремен министер за внатрешни работи Калин Стојанов дека работи за Пеевски.

Пред една недела полицијата наводно противзаконско ја изгасила сатиричната интернет страница која го исмејува Пеевски, а министерот за внатрешни работи одбил да наведе легитимна причина за тоа.

Радев на мандатарката за состав на привремена влада Горица Кожарева ѝ кажа дека нема да ја поддржи нејзината кандидатура бидејќи не може да гарантира помирна политичка ситуација.

„Очигледно е дека тоа е невозможно ако Калин Стојанов остане на местото министер за внатрешни работи“, кажа Радев.

Радев го повика парламентот брзо да најде нови опции за именување привремен премиер и влада, но претседателот во рамки на големата уставна реформа на крајот на 2023 година ја изгуби моќта еднострано да одлучува за тоа кој би требало да биде привремен премиер.

Во моментов претседател може да бира меѓу 10 однапред дефинирани опции за именување привремен премиер – претседателот на собранието, гувернерот или заменик гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик претседателот на Државната ревизорска служба и омбудсманот или нивните заменици.

Меѓутоа, долготрајната политичка криза остави и некои од овие позиции испразнети. Во Бугарија не постои омбудсман или заменик омбудсман, а именување на лице од раководството на Народната банка на политичка позиција е во спротивност со правото на ЕУ.

Од април 2021 во Бугарија дури шест пати се одржаа парламентарни избори.

Подготвено од М.Д.

About Author