MIGRANTI

21.08.2024 Скопје

Британската влада претстави нов план како да ги спречи барателите на азил кои во земјата пристигнуваат со мали чамци, план кој вклучува повеќе летови за депортација и построги казни за работодавците кои вработуваат нелегални работници.

Анкетите покажуваат дека имиграцијата е најважното прашање за британските гласачи, првпат по осум години. Земјата неодамна беше потресена од протести на екстремната десница против муслиманите и имигрантите, кои започнаа по убиството на три девојчиња во градот Саутпорт во северозападна Англија.

За време на овие протести, неколку лица се обидоа да запалат хотел во Ротерам, каде што се сместени баратели на азил.

Министерството за внатрешни работи, кое ја надгледува имиграцијата, најави дека ќе ангажира стотина истражители кои ќе се фокусираат на банди и криминални групи кои носат баратели на азил во ОК. Ова е еден од начините да се изедначи бројот на депортирани лица со оној од 2018 година, кога тој број почна да се намалува.

Понатаму, на работодавачите кои вработуваат работници „на црно“ им се закануваат високи парични казни, затворање на компанијата или дури и кривично гонење. Работниците фатени како работат „нелегално“, кои во исто време ги исполнуваат условите за депортација, ќе бидат приведени пред да ја напуштат државата, соопшти МВР.

„Наместо хаосот кој предолго го уништува системот, сакаме да воспоставиме систем над кој ќе имаме цврста контрола“, рече министерката Ивет Купер.

Откако новата лабуристичка влада ја презеде функцијата на почетокот на јули, околу 5.700 баратели на азил пристигнаа во ОК, пловејќи со чамци од Франција преку Ла Манш. Досега неколку министри ветија борба против криминалните групи кои шверцуваат луѓе.

Набргу по убедливата победа на парламентарните избори, лабуристите го отфрлија планот на претходната конзервативна влада за преселување на неколку илјади баратели на азил во Руанда. Премиерот Кир Стармер минатиот месец рече дека е потребна поголема соработка со другите земји за решавање на главните причини за миграцијата, вклучително и сиромаштијата и климатските промени.

Подготвено од М.Д.

About Author