MALI PCELI AZIJA

28.08.2024 Скопје

Големо изненадување за научната јавност беше информација дека Џуџестата медоносна пчела (Apis florea) е пристигната најверојатно преку бродски транспорт на Европско тло.

Проф. д-р Александар Узунов од Факултетот за земјоделски науки и храна кој претходно имаше генетски потврдено дека во Р.С.Македонија има посебен подвид на медоносни пчели (Apis mellifera macedonica)  сега со тим од научници од Малта, Кина и Италија откри дека инвазивниот вид на џуџеста пчела нашол пат и е преселен во Европа. Оваа информацијата разбирливо привлече огромно медиумско внимание во Малта, каде неколку дена беше на насловните страни, а исто така и внимание од научните истражувачи од цел свет. Ова откритие на пчелен вид кој може бргу се адаптира и да се шири и колонизира големи територии може да претставува опасност и за Р.С.Македонија, пчеларството и биодиверзитетот кај нас.

Пчеларот Томас Галеа, кој веќе се посомневал дека се работи за веројатно инвазивен вид на пчела, побарал мислење од  проф. Узунов, кој веднаш препорачал да се соберат примероци за молекуларни и морфометриски истражувања и ројот да се отстрани. Во соработка со колегите од Италија и Кинасе потврдува дека примероците припаѓаат на видот Џуџеста медоносна пчела (Apis florea), азиски вид кој сега за прв пат е потврден и во Европа. Присуството на оваа пчела во Малта претставува можен ризик за ендемичната и загрозена медоносна пчела т.н. Apis mellifera ruttneri. Како што наведуваат авторите трансферот на нови и инвазивни патогени и паразити е веројатно најголемиот ризик за пчелите во Малта, но не исклучуваат дека азиската пчела може да биде сериозен проблем и во борбата за храна за другите инсекти.

Авторите претпоставуваат дека ројот е пристигнат преку бродски транспорт, но точно од каде допрва ќе се истражува со морфолошки и молекуларни споредби со примероци од Кина, Малезија, Пакистан, Иран и Саудиска Арабија. Истражувањата се во тек и тимот на проф. Узунов се надева на брзи резултати. Ова е сигнал и до надлежните институции во сите држави за внимание и спроведување построги контроли за да се намали ризикот од вакви инциденти.

Подготвено од М.Д.

About Author