28.08.2024 Скопје
Во изминатите две години резервите на вода што ја снабдуваат областа Атика, поширокиот регион на Атина, се намалиле во просек за околу 225 милиони кубни метри годишно поради сушата, а од Претпријатието за водовод и канализација (ЕИДАП) веќе активирале дополнителни извори за водоснабдување за да се избегнат проблеми, соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција.
Од надлежното Министерство истакнуваат дека „последиците од климатската криза се рефлектираат на силен начин“ и намалувањето на врнежите од дожд и снег во последните две години предизвика намалување на четирите резерви на вода на акумулациите што ја снабдуваат Атика со над 400 милиони кубни метри вода годишно.
„Ако продолжи сушата од изминатите години ќе имаме дефицит од 150 милиони кубни метри годишно и резерва што може да трае околу четири години. Затоа, Министерството за животна средина и енергетика, во тесна соработка со ЕИДАП, веќе имаат изготвено и спроведуваат план и ќе ги одберат најдобрите решенија, што се реални да се имплементираат во следните четири години за да се обезбедат резерви на вода. Овие решенија вклучуваат: намалување на загубите во водоводните мрежи, делумно пренасочување на водата од реките кои завршуваат во езерото Кремастос, вклучување на нови акумулации, употреба на рециклирана вода за наводнување и индустриска употреба, оптимално управување со дождовниците и десалинизација со употреба на зелени енергетски ресурси. Доколку е потребно, подоцна ќе се спроведат акции за штедење“, соопштија од надлежното грчко Министерство.
Додадоа дека справувањето со недостигот од вода и спречување на последиците е еден од приоритетите на државата и им препорачаа на граѓаните да учествуваат во „заедничките напори со разумно искористување на водните резерви“.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис рече дека прогнозата за врнежи во наредните години и децении е „клучот за планирање на идното водоснабдување на Атика“ и за таа цел со нови климатски модели многу висока прецизност, веќе се вршат студии, а врз основа на резултатите ќе се одредат следните чекори.
За водоснабдувањето на областа Атика, поширокиот регион на Атина, посочи дека дури и да се исполнат „најекстремните (реални) сценарија“, со проблемот со намалување на врнежите ќе се справат со помош на евтина енергија, преку обновливи извори.
Според сателитските податоци и мерења на единицата Метео на Националната опсерваторија во Атина, површината на вештачкото езеро Морнос што е еден од главните извори за водоснабдување на Атина е намалена за 15-20 отсто во однос на просечната вредност од 2010 година.
Подготвено од М.Д.