22.08.2024 Скопје
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска ќе го презентира својот план за излез од кризата во главниот град на средба со координаторите на советничките групи. Средбата е закажана од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, и се очекува да започне во 11 часот.
Очекувањата на советничките групи се дека Арсовска ќе понуди решение за проблемите во „Комунална хигиена“ и хигиената во градот, како и за ситуацијата во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и недостатокот на автобуси. Сепак, останува да се види со каков план ќе излезе Арсовска на оваа клучна средба.
Во синоќешното интервју, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови во кои би се решил проблемот, истакнувајќи дека понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот. Таа нагласи дека Скопје е финансиски консолидирано и дека можат да набават нови еко-автобуси од сопствениот буџет, без потреба од дополнителни средства од Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ го оценија интервјуто на Арсовска како разочарувачко и побараа таа да го спаси Скопје со оставка. Премиерот Мицкоски, пак, изјави дека очекува Арсовска да го презентира својот план пред советниците и дека ќе направат сè за да го заштитат интересот на граѓаните на Скопје. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, по средбата со Арсовска изјави дека очекувале конструктивен план, но таков не бил понуден.
Советничката група на СДСМ исто така реагираше, нагласувајќи дека несериозно е Арсовска да ги обвинува сите советници за блокирање, и дека СДСМ ќе продолжи да делува конструктивно, поддржувајќи ги проектите во интерес на скопјани.
Подготвено од М.Д.