12.07.2024 Скопје
Во осигурувањето за возење во странство, зелена карта, граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ
Граѓаните, компаниите и институциите осигурале близу 351.000 возила, вклучувајќи патнички и товарни возила, автобуси, мотоцикли, трактори, приколки и специјални возила, во првите шест месеци од годинава. Вкупниот број на возила за кои се купени полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 6,3 проценти во споредба со истиот период лани, според прелиминарните податоци доставени до Агенцијата за супервизија на осигурување од Националното биро за осигурување.
Во првите шест месеци, сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 468.000 полиси за осигурување (ЗАО и зелена карта) и наплатиле 2,65 милијарди денари (43,1 милиони евра) за покривање на ризиците. Според податоците од НБО, бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина од годината забележал раст од 6 проценти во споредба со истиот период лани.
Секое трето осигурано возило има и зелен картон – осигурување кое овозможува возење во странство. Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса, односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период лани. Но од друга страна вложувањата во зелена карта годинава се за 4,5 отсто повисоки од истиот период лани.
Зелената карта е вид на осигурување наменето за компензација на трети лица во случај на сообраќајна незгода или несреќа во странство. Она што ја прави зелената карта посебна е дека во одредени земји не постои максимален износ за исплата на штети на човечки животи при сообраќајни несреќи. Во такви ситуации, осигурителната компанија која ја издала зелената карта е должна да исплати компензација без ограничувања.
Подготвено од М.Д.