12.07.2024 Скопје
На самитот во Вашингтон, лидерите на НАТО усвоија заедничка декларација во која, меѓу другото, се наведува дека НАТО останува силно посветен на безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан, кој е „од стратешко значење за Алијансата“.
„Ќе продолжиме да го унапредуваме политичкиот дијалог и практичната соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на малигното влијание, вклучувајќи дезинформации, хибридни и сајбер закани, претставени од државни и недржавни актери“, се вели во текстот.
Се додава дека демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантските интеграции и дека се очекува континуиран напредок во оваа насока.
Во декларацијата, исто така, се наведува дека НАТО останува посветен на континуиран ангажман на Западен Балкан, вклучително и преку косовските сили (КФОР) кои ги предводи.
На самитот во Вашингтон, лидерите на земјите-членки ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина на „неповратниот пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучувајќи го и членството во НАТО“ и најави помош за таа земја од 40 милијарди евра во текот на следната година и ја повика Кина да престане да ја поддржува Русија во војната против Украина.
Подготвено од М.Д.