25.07.2024 Скопје
Образовните установи во Република Северна Македонија да се подготват за топлотните шокови за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст поради екстремните температури, а наставниците и родителите да се оспособат за одговор на топлотниот стрес, порачува УНИЦЕФ во денеска објавената анализа.
Во најновата анализа УНИЦЕФ укажува и дека постои потреба да се инвестира во ажуриран здравствен акциски план за справување со високите температури, како и во примарната здравствена заштита, за да се обезбеди адекватна поддршка на превенцијата, раниот одговор, дијагнозата и третманот на болестите кај децата предизвикани од топлина. Планот треба да даде приоритет на најранливите деца, меѓу кои оние што живеат во сиромаштија, во супстандардни услови на домување, со попреченост и децата што живеат и работат на улица.
Според УНИЦЕФ, земајќи предвид дека е поголема веројатноста семејствата со пониски примања да се соочат со поголем ризик од изложеност на топлина и да имаат намален капацитет за справување, како и дека топлотните бранови ја засегаат и семејната егзистенција, постои потреба од поширок национален одговор за да се разбере социо-економското влијание на топлотните бранови и да се воведат социјални интервенции како што се парична помош и социјални услуги за ранливите домаќинства, за да им се помогне на семејствата да се справат со социо-економските ефекти од екстремните горештини.
„Во Република Северна Македонија, иако топлината не е главен фактор што придонесува за смртност на доенчињата, изложеноста на чести топлотни бранови и понатаму загрижува, налагајќи националните климатско-еколошки политики континуирано да ги земаат предвид децата и младите. Треба да се размисли за адаптирање на предучилишните и образовните установи и оспособување на наставниците и родителите да одговорат на топлотниот стрес. Адаптацијата на училиштата често се превидува зашто топлотните бранови најчесто се појавуваат за време на летниот распуст. Но, бидејќи климатските промени водат до почести топлотни бранови и периоди на високи температури и на крајот од пролетта и на почетокот од есента, образовните установи треба да се подготват за топлотните шокови, за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст поради екстремните температури“, пишува во анализата.
Истражувањето опфаќа податоци од 23 земји, а покажува дека сè поголемите горештини во Европа и Централна Азија убиваат речиси 400 деца годишно. Во 2021 година како последица на сè повисоките температури, починале околу 377 деца.
Бидејќи температурите и натаму растат, УНИЦЕФ ги повикува владите низ Европа и Централна Азија да интегрираат стратегии за намалување на ефектот од топлотните бранови при што децата треба да бидат во центарот на овие планови. Исто така се препорачува да ги приспособат урбанистичкото планирање и инфраструктурата, како и да обезбедат опременост на зградите, посебно на оние во кои се сместени најранливите заедници, за да се минимизира изложеноста на топлина, како и да се обезбеди снабдување со чиста вода, особено во земјите каде што квалитетот и достапноста на водата се влошуваат.
Подготвено од М.Д.