Photo by Frank Cone: https://www.pexels.com/photo/airplane-flying-over-burning-hilly-terrain-and-spreading-extinguishing-powder-9835606/

16.07.2024 Скопје

Високи температури, огнени стихии,Република Северна  Македонија гори. Продолжува борбата со огнените стихии во државава, најавена е помош од неколку држави.

Во моментов активни се неколку големи пожари, на повеќе локации ширум земјава, а од денеска воведена е и целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште.

„ Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми”, и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. За непочитување на оваа целосна забрана, на физички лица кои ќе се затекнат да се движат во шума, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност“, велат од ЈП „Национални шуми”.

Шести ден беснее пожарот на Планината Серта кој е поделен на три крака. И денеска стотина војници, пожарникари, полицајци и локално население со помош на хеликоптери и ер-трактори се обидуваат да го стивнат огнот за конечно пожарот да биде ставен под контрола. На помош утринава пристигнаа и ер трактори и хеликоптери од Турција, која прва испрати помош за справување со огнените стихии на планините Серта и Огражден.

Големиот пожар во Неготинско се шири и накај воениот полигон Криволак, а зафтени се општините Неготино, Конче и Штип. И штипските пожарникари се на терен и будно се следи состојбата, истакна штипскиот градоначалник, Иван Јорданов.

Гори и во планинскиот предел на струмичко Огражден, над село Бадилен кој е во близина на бугарската граница и е непристапен терен за гаснење. И овде е алармантна ситуацијата.

Освен од Турција, премиерот Мицкоски најави дека наскоро пристигнува помош и од Србија, Црна Гора и Словенија. Меѓутоа, прашањето кое овде се наметнува е дали можеше да се спречи оваа катастрофа, доколку навремено и соодветно се реагираше? Има ли нашата земја доволно капацитет за вакви ситуации, во кои помошта од воздухопловите е од клучна важност?

Во државата освен проблемот со ер тракторите, кои се само три на број и кој датира со години наназад, дополнителен проблем претставува и тоа што двајца од пилотите заминаа во пензија. За среќа, истите повторно беа ангажирани, но дали државата ќе ја научи лекцијата и дали превентивно за летните пожари ќе се размислува уште во зима, останува да видиме.

Подготвено од М.Д.

About Author