Upisi-vo-sredno-medicinsko-10-bg_resize

15.07.2024 Скопје

Средното стручно образование е поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гиманзиското.

Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодност на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во  стручните училишта, а само  26,2 отсто во гимназиите во земјава.

„Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование“, велат од Министерството за образование и наука (МОН).

Анализите и податоците на Центарот за стручно образование и обука покажуваат дека неколку години наназад за учениците примамливо е дуалното образование, со кое е предвидено освен теорија и практична настава во компаниите, образование кое го бара домашниот бизнис сектор, но и европскиот пазар на труд.

Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари, лани на 31 мај во изјава за медиумите во Штип посочи дека 69 проценти од учениците во прва годинава во земјава  за учебната 2023-2024 година се запишани во стручните училишта.

Од Министерството за образование и наука велат дека предизвиците со дуалното образование може да се надминат единствено преку еден заеднички пристап на сите институции, затоа што не е доволно само да се понуди поквалитетно образование, кон кое се стремиме.

„Потребна е усогласеност на образовниот систем со пазарот на трудот, што ќе биде една од целите на МОН во следниот период. Потребни се повеќе и подобри работни места со пристојна плата, поддршка на идеи. Но, потребна е и стабилност на меѓуетничките односи, подобра општествена клима. Новото раководство на МОН ќе се заложи за повеќе и поквалитетни образовни можности и во таа насока веќе се започнати промени како во основното и средното, така и во високото образование“, велат од Министерството за образование и наука.

„Во моментов се прибираат податоци од општините со цел, да им се излезе во пресрет и подобро да се организира воспитно – образовниот процес од септември, од сите можни аспекти. Ќе се заложиме за анулирање на недостигот на наставен кадар преку стимулирање на младите да ја одбираат оваа професија, преку реформа на наставничките факултети, а се дискутира и за зголемување на дел од постојните и воведување на нови категории на стипендии. Секако, важен фактор е наставничката плата, која постепено ќе се зголемува во текот на мандатот“, велат од МОН.

На веб страницата на Агенцијата за вработување на 11 јули има податок дека слободни работни места во образованието на ниво на држава има за 125 лица. Овие податоци на Агенцијата за вработување варираат, па може да се намалат или зголемат.

Најбарани занимања во државата според Агенцијата за вработување се хигиеничар, продавач, општ работник, келнер, готвач, програмер, возач на камион, касиер и други. Додека по центри најголем број на отворени и слободни работни места има секако во Скопје.

Во главниот град се бараат 6.370 работници од сите струки, а потоа следува Тетово со 605. Додека во Пробиштип има слободно работно место само за еден работник.

Во земјава реалниот и државниот сектор има потреба од вработување на 9.682 лица од речиси сите струки и степени и на образование.

Подготвено од М.Д.

About Author