mickoski-vucic-1

18.07.2024 Скопје

Српскиот претседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи објави фотографија од средбата со премиерот Христијан Мицкоски во рамки на Самитот на Европската политичка заедница.

„Одлична средба со новиот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски и договор наскоро да се сретнеме за да разговараме за најважните прашања за соработка меѓу нашите две земји“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што ќе се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.

Во состав на македонската делегација што ќе присуствува на Самитот се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Како што најави Мицкоски во објава на Фејсбук, на Самитот ќе говори и за „предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави“.

Според најавите, на средбата 47-те европски лидери ќе разговараат за континуираната поддршка за Украина, како и за заедничките предизвици со кои се соочува Европа, поврзани со енергијата, поврзувањето, безбедноста, заштитата на демократијата и миграцијата.

Подготвено од М.Д.

About Author