Srpska-zastava-1024x576

26.07.2024 Скопје

Министерот без ресор во владата на Србија Ѓорѓе Миличевиќ во Бања Лука потпиша 13 договори за поддршка на проекти наменети за „јакнење на српскиот национален и културен идентитет“ во Босна и Херцеговина и нејзиниот ентитет Република Српска.

Финансиската поддршка изнесува 79 милиони динари (675 илјади евра), соопшти владата на Србија.

Договорите се потпишани на состанокот на Миличевиќ со претставници на „српски здруженија и невладини организации од Република Српска и Босна и Херцеговина“.

Во соопштението се наведува дека „најголемиот дел од средствата е наменет за набавка на опрема за културно-уметничките друштва, учебници и лектири за српските училишта, како и спортска опрема за српските клубови во дијаспората“.

Миличевиќ по потпишувањето на договорот кажа дека „националните интереси и цели на српскиот народ во 21 век се мирот, стабилноста, економијата и пред сè единството“.

„Јас секогаш кажувам дека Дрина никогаш не била река која ги раздвојува Србија и Република Српска, туку рбетот кој ги спојува Србија и Република Српска“, кажа Миличевиќ.

Собранието на Србија на вонредна седница расправа за „Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ“ која претходно ја усвои српската влада.

Во документот кој претходно беше потврден во собранието на Република Српска се наведува, меѓу другото, дека српскиот народ претставува единствена целина.

Подготвено од М.Д.

About Author