03.07.2024 Скопје

Шеесет и првото издание на Галичка свадба ќе се одржи следниот викенд, од 12 до 14 јули.

Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски, долгогодишна учесничка на галичка свадба, додека зетот е Даријан Кочоски.

„Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, в`година на крштевка! За многу години да им е љубовта и среќата“, порачуваат галичани.

Во саботата вечерта почнуваат сите обичаи поврзани со Галичката свадба.

Врвот на бајракот се кити со цвеќе, а потоа се развива. Зетот го става на „перде“ од десната страна на куќата и се „фрла“ пушка.

Топаните потоа тргнуваат кон куќата на зетот, а тој со братот и побратимите ќе тргнат кон мостот каде ќе се сретнат. Со сито на глава и бокал во раце, со блиските роднини, сверквата води оро. Потоа ќе се изведат ората „Невестинско“ и  „Тешкото“ кои се симбол на пркосот и непокорот.

Поворката од свадбари со борини и факели одат од куќата на зетот до куќата на невестата, а потоа заедно со неа одат на три чешми да наполнат вода.

Наредниот ден, денот на свадбата, продолжува со низа обичаи. Денот започнува со канење на мртвите, па кумот. Следува бричење на зетот, по што се тргнува по невестата. По завршените адети во домот на невестата, следува венчавање во црква.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *