ORBAN

23.07.2024 Скопје

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борељ, изјави дека следните состаноци на министрите за надворешни работи и одбрана на земјите членки на ЕУ ќе се одржат во Брисел, а не во Будимпешта, поради позицијата на Унгарија во однос на војна во Украина.

Говорејќи по министерскиот состанок во Брисел, Борељ рече дека ја донел одлуката откако повеќето министри рекоа дека се противат на потезите на Унгарија откако таа го презеде претседавањето со Советот на ЕУ на 1 јули.

Тој додаде дека нема консензус меѓу членките на ЕУ за тоа дали да присуствуваат на состанокот, планиран за 28-29. август, а потоа и собирот на министрите за одбрана.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека предложил да се одржи состанок на министрите за надворешни работи во Украина, но Унгарија гласала против предлогот.

Борељ изјави дека повеќето министри сакаат Унгарија да сноси „симболични“ последици откако унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, како дел од, како што ја нарече, мировна мисија за Украина, без поддршка од другите членки .

„Мораме да испратиме сигнал, дури и ако тоа е симболичен сигнал“, изјави Борељ за новинарите во Брисел по последниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ пред летната пауза.

На денешниот состанок, многу министри за надворешни работи на ЕУ ја изразија својата силна осуда за ставот на Будимпешта директно до нивниот унгарски колега Петер Сијарт.

„Ова беше многу јасно и се повтори на начин што не остави простор за сомнеж“, изјави португалскиот министер за надворешни работи Пауло Рангел.

Борељ исто така смета дека Будимпешта треба да го означи рускиот претседател Владимир Путин како „провоен“ лидер, а не Европската унија.

„Ако сакате да зборувате за воената партија, зборувајте за Путин“, рече тој.

Воедно, Сијарто оваа одлука ја окарактеризира како „детска“.

Земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Шведска, Финска, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Данска, како и Европската комисија, веќе го намалија учеството на министерските состаноци на ЕУ поради унгарското претседавање.

Подготвено од М.Д.

About Author