09.07.2024 Скопје
Министерството за образование и наука (МОН) многу скоро ќе направи ревизија на работењето на бројни универзитети и тие што работат спротивно на законот нема да можат да постојат и понатаму, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневска смета дека треба да се направи модернизација на студиските програми.
„Но, она што е горлив проблем во државата се премногу факултети, премногу универзитети и премногу студиски програми со многу малку студенти“, додаде Јаневска.
Говорејќи за проблемот со изградбата на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Јаневска напомена дека претходната власт, иако имала изградена зграда, не вложила ништо за нејзината финализација, ниту пак вложила да го заштити објектот од пропаѓање.
„На состанокот со деканот на ФИНКИ размислувавме за неколку можни решенија и можам да кажам дека процедурите се во тек. Се водат разговори и преговори со други институции, каде што привремено би можеле да бидат сместени студентите од ФИНКИ. Струката е многу барана“, истакна Јаневска.
Таа напомена дека треба да се размислува на тоа дека вештачката интелигенција полека ќе го заземе својот простор, како на ФИНКИ така и на други факултети, при што посочи дека во најскоро време ќе се реализира анализа на пазарот на труд, по што и најверојатно ќе следи и редукција на квотите на одредени факултети.
Подготвено од М.Д.