np-mavrovo

29.07.2024 Скопје

Повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ ќе биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона.

Според новата Студија за ревалоризација, ова е зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата, која беше завршена во декември минатата година, утврдува и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.

Научните истражувања кои беа спроведени за потребите на Студијата во текот на изминатата година потврдиле присуство на 14 единки на балканскиот рис, 130 мечки, стабилна популација на волци, како и една од најголемите популации на пеперутката бакарец, загрозен вид кој се наоѓа на црвените листи под строга заштита. Од Националниот парк велат дека Маврово е оаза за крупните ѕверови, бидејќи има најголема популација на диви кози и стабилна популација на срна, најважни за исхраната на загрозениот рис.

Според податоците од Студијата, во националниот парк во изминативе десетина години се зголемила и површината под шуми од 30.600 на 36.200 хектари, како и количината на дрвна резерва. Тука се наоѓа и најголемата природна популација на див костен со голем број на столетни дрвја.

Од НП „Маврово“ велат дека се задоволни од новата Студија и од решенијата за границите и зонирањето кои ги нуди, но и во поглед на можностите за заштита на биодиверзитетот.

„Студијата за ревалоризација, научните истражувања за флората и фауната и социо-економската студија се веќе направени, а останува да се изработат планот за управување и акцискиот план. Студијата беше презентирана во јуни со предлог-надворешните граници и предлог-зонирањето. Целиот процес за репрогласување на Националниот парк Маврово е во поодмината фаза и по завршувањето на јавните расправи од страна на Министерството за животна средина ќе биде подготвен предлог законот“, вели Томо Ѓорѓиевски, раководител на Одделението за заштита на Националниот парк.

Министерството за животна средина информира дека откако ќе им биде доставена финалната верзија од Студијата ќе почнат со изготвување на предлог-законот за прогласување на Маврово за Национален парк.

Во моментов, по одржаните две јавни консултативни средби со советот на засегнати страни на на НП „Маврово“ и со пошироката јавност, до Министерството нема дојдено забелешки, сугестии или предлози за Студијата. од таму велат дека научната анализа на природните вредности од овој документ ќе бидат основа за предлог-законот, за кој, кога ќе биде готов ќе се организира и јавна расправа.

Маврово за прв пат е прогласено за заштитено подрачје во 1949 година. Со Законот за заштита на природата од 2005 година се создаде обврска за повторно прогласување на веќе заштитените подрачја, вклучително и за националните паркови. Првата Студија за валоризација на заштитеното подрачје беше изработена во 2012 година.

Во меѓувреме, заради планирање и изградба на поголем број хидроелектрани граѓанските организации во земјава иницираат отварање предмет пред Бернската конвенција. На последната седница Комитетот на Конвенцијата во декември минатата година, побара од земјава веднаш да ја откаже изградбата на малата хидроцентрала „Рибничка“ во Маврово и да се забрзаат прогласувањето на Националниот парк и донесувањето на законите за води и за заштита на природата. Случајот што го покрена „Еко свест“ за одбрана на Маврово и реките од овие енергетски капацитети трае веќе една деценија, а резултираше со повлекување на инвеститорите на малите хидроцентрали Жировница 5 и 6.

Подготвено од М.Д.

About Author