29.07.2024 Скопје
Околу три ипол пати повеќе абортуси имало во 2023 година споредено со 2020 година на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, покажуваат податоците од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).
За четири години, на оваа Клиника имало вкупно 2.626 абортуси, а бројот секојдневно растел од 2020 година до 2023 година. Во 2020 година биле извршени 324 абортуси, во 2021 имало 554, во 2022 имало 615, а лани 1.133 абортуси. Најмладата пациентка имала 13 години.
Претседателот на МАГО, професор доктор Глигор Тофоски посочува дека стапката на адолесцентна бременост, на девојки на возраст од 15 до 19 години, сѐ уште е многу висока и дека годишно околу 100 млади девојки под 20 години абортираат.
„Кога се во прашање младите, само 2,4 проценти од адолесцентите побарале совети за планирање на семејство кај својот матичен, семеен доктор или матичен гинеколог. Само 5,6 проценти од студентите во Скопје користат орална контрацепција. Најголем процент од младите го користат прекинувањето на сексуалниот однос за заштита од непланирана бременост. Стапката на адолесцентна бременост, на девојките на возраст од 15 до 19 години, сѐ уште е многу висока и опфаќа 4,2 отсто од вкупните раѓања. Годишно околу 100 млади девојки под 20 години абортираат. Сето ова ја поткрепува потребата од воведување на сеопфатно сексуално образование3, дециден е Тофоски.
Според извештајот на службите за здравствена заштита на мајки и деца за 2021 година, во текот на 2021 година регистрирани се вкупно 20 живородени новороденчиња од мајки под 15 години и 791 живородени и 5 мртвородени новороденчиња од мајки на возраст од 15 до 19 години.
„Стапката на бременост на девојките на возраст од 15 до 19 години – адолесцентна или тинејџерска бременост во 2021 година изнесувала 15,4 проценти на 1.000 девојки на истата возраст. Стапката на раѓање кај девојките од 15 до 19 години изнесува 14.1 на 1.000 раѓања од девојки на таа возраст. Изразено во проценти како дел од вкупните раѓања, адолесцентната бременост опфаќа 4,2 отсто, и бележи благ пад во однос на 2020 година – 4,9 проценти. Во однос на абортусот на адолесцентна возраст, според бројот на абортуси пријавени во Центрите за јавно здравје во 2021 година кој изнесува 3.168, или 17,1 на 100 живородени, 78 или 2,4 проценти се кај девојки на возраст под 20 години, а најголем дел или 62,4 отсто се кај жени на возраст од 21 до 34 години“, појаснува Тофоски.
Во нашата држава, според Тофоски, се чини дека примарното здравство во најголем дел, сѐ уште е насочено кон лекување на болестите, а не и кон одржување на здравјето на една личност.
Според Весна Матевска, психолог и програмска раководителка во ХЕРА, важна е едукацијата која помага полесно да се разберат потенцијалните физички и психолошки последици од несаканата бременост и абортусот.
„Оваа едукација е потребна како за девојчињата и жените, така и за момчињата и мажите. Значајно е да се зборува за превенцијата од непланирана бременост и користењето на контрацепцијата. Придобивки кои индивидуите и паровите може да ги имааат од користењето на контрацепцијата се заштита од сексуално преносливи инфекции, превенција на непланирана бременост, зачувување на фертилитетот, намалување на болни менструални циклуси“…, потенцира Матевска.
Додава дека поголемото едуцирање за женското здравје и за начинот на заштита од несакана бременост, може значително да помогне во намалувањето на психолошкиот стрес и оптоварувањето кај жените во врска со оваа тема.
Едукацијата, вели, игра клучна улога во ослободувањето од предрасудите и стигматизацијата и може да придонесе за поголема свест и разбирање.
„Кога жените се едуцирани за своите права и опции во врска со репродуктивното здравје, вклучувајќи ги и контрацепцијата и абортусот, тие имаат поголема контрола над своите тела и одлуки. Едукацијата, исто така придонесува и за зголемување на информираноста на населението и намалување на влијанието на ширењето на дезинформации и предрасуди околу овие теми“, истакнува Матевска.
Кога е абортусот во прашање, вели Матевска, неопходно е да се надминат табуата, предрасудите и дезинформациите. Абортусот освен што е човеково право, треба да биде и слободен избор на секоја жена, подвлекува Матевска.
„Абортусот не само кај нас, туку и во други земји е табу тема што отвора многу дискусии и многу често за жал, е предмет на предрасуди и стигматизација. Големо влијание во поделеноста на оваа тема се јавува и поради фактот дека ние сме земја, каде што традиционалните и религиозните вредности имаат големо влијание, во формирањето на перцепциите и ставовите околу некоја тема“, појаснува Матевска.
Освен едукација, според Матевска, потребно е и воведување на сеопфатни програми за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата за да може младите да добијат точни и релевантни информации од рана возраст.
„Организирање и кампањи преку медиумите и социјалните мрежи за да се промовираат позитивни пораки и информации за репродуктивното здравје, создавање достапни и доверливи здравствени услуги, каде жените можат да добијат информации, совети и поддршка без страв од осуда, достапна контрацепција на позитивна листа и бесплатна контрацепција за ранливи категории“, посочува Матевска.
Во 2023 година, Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава во соработка со националните партнери, започна формирање база на податоци за децата со цел развивање на демографски профил на детската популација во Република Северна Македонија. Според базата на податоци кај групата адолесцентки на возраст 15-19 години, во рамки на Пописот, 1.000 девојки изјавиле дека имале родено едно или повеќе деца.
„Стапката на раѓања кај адолесцентки изнесува 20 раѓања (19,7) на 1.000 девојки на возраст 15-19 години. Доколку резултатите ги споредиме со Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), што во Република Северна Македонија беше спроведено во 2018 и 2019 година, на примерок од повеќе од 4.000 домаќинства, постои незначително намалување на стапката на раѓања меѓу адолесцентки, од 21 на 20“, се наведува во публикацијата.
Подготвено од М.Д.