30.07.2024 Скопје
Амбасадорката на САД, Ангела Агелер на промоцијата на новите армиски возила одговори и на прашање за можно ажурирање на „црната листа“ на САД со нови лица. Таа напомена дека тоа е континуиран процес, но не може конкретно да каже кога би се случило проширување на составот на таа листа.
„Таканаречената „црна листа“ е нешто што се прави согласно нашите закони. Станува збор за листа, која е динамична, органска, која постојано трпи промени. Има мноштво имиња, од кои може да се избере, во моментов се разгледуваат имиња, се разгледуваат случаи, се следи ситуацијата воопшто“, рече Агелер.
Од лани во јуни до пред избори, на црната листа беа ставени струшкиот градоначалник од ДУИ Рамиз Мерко, бизнисменот Кочо Анѓушев, Орце Камчев, неговата мајка Ратка, повеќе фирми на Камчеви, Сергеј Самсоненко и сопругата Ирина, градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Дел од посочените, заедно со семејствата, добија забрана за влез во САД (Мерко, Анѓушев, Јакимовски, Јанева) додека дел добија економски санкции поради влијание врз правдата (Камчеви и Самсоненко) или поради корупција и нарушување на демократски процеси (Сашо Мијалков и екс премиерот Никола Груевски кои се означени и ставени на црната листа пред неколку години).
На црната листа се најде и црногорецот Миодраг Давидовиќ Дака за руско влијание и корупција во Црна Гора, а тој се обидуваше во времето на премиерот Заев да направи инвестиција во Република Северна Македонија.
Подготвено од М.Д.