ROBERT KENEDI

03.07.2024 Скопје

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден не е способен да ја води државата, и секако би ја разгледал опцијата да го заменам како кандидат на Демократската партија доколку ми го понудат тоа, соопшти Роберт Кенеди Помладиот кој на претстојните американски претседателски избори ќе учествува како независен кандидат.

Иако меѓу демократите, по Бајден, беше најпопуларниот кандидат пред да одлучи да излезе на изборите како независен кандидат, Кенеди Помладиот кажа дека никој од партијата досега не го повикал да го замени актуелниот претседател и, по сè изгледа, идниот кандидат.

Тој порача дека анкетите кои демократите сега сигурно ги гледаат покажуваат дека тој е единствениот кандидат кој би можел да го победи поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.

„Доколку сум јас во трката, Бајден губи, доколку не сум, Бајден губи уште полошо. Но, доколку се соочиме Трамп и јас, јас победувам“, кажа тој.

Истакна дека во тој случај Трамп би победил само во 11, а тој во дури 39 држави.

По катастрофалната дебата против републиканскиот предизвикувач Доналд Трамп, сè повеќе демократи го повикуваат актуелниот претседател на САД и претседателски кандидат на таа партија Џо Бајден да се повлече од трката и да ја препушти номинацијата на некој друг.

Сепак, Белата куќа соопшти вечерва дека Бајден нема да се повлече од изборната трка и дека е способен да ја води државата и покрај своите години и состојбата.

Подготвено од М.Д.

About Author