01.07.2024 Скопје
Лидерот на босанските Срби Милорад Додик изјави дека властите на Република Српска подготвиле предлог договор за „мирно раздружување“ на Босна и Херцеговина, според кој таа држава би требало да престане да постои.
„Документот предвидува БиХ политички да се раздружи и да се формираат две независни политички и територијални целини кои ќе живеат и функционираат во согласност со договорот настанат на база на тоа“, кажа Додик.
Тој додаде дека постоечките граници, односно меѓународно признатите граници на БиХ, би останел да важат во следните три до пет години, а во тој период двата ентитети би требало да ги уредат меѓусебните односи „за да нема некои особени застои“.
Додик тоа го опиша како период на „оставинска расправа“, а негова констатација е дека БиХ како држава ни сега фактички не постои бидејќи сите нејзини обележја се само производ на договор на Република Српска и Федерацијата БиХ. Во следните недели предлогот на РС ќе им биде испратен на властите на Федерацијата БиХ за да се изјаснат.
„Веќе слушаме дека постои неспремност да се расправа за тоа, но ние сфаќаме дека ова е само почетокот кој треба да ја анимира јавноста, не само таа во Република Српска, туку и онаа во Федерацијата, а и меѓународната јавност да сфати дека БиХ е промашен проект и дека од него не може да се направи ништо самоодржливо. Може да биде протекторат, и тоа се покажа, но не може да биде самоодржливо“, кажа Додик истакнувајќи дека нема да се откаже од предлогот.
На прашањето што ќе се случи ако во постапката која се води против него биде прогласен за виновен и осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник, Додик кажа дека ќе се однесува согласно на тоа „како ќе реагира народот“.
„Ако народот на тоа го свитка грбот и се наведне, тогаш и мојата борба е бесмислена. Ако народот се крене и не се предаде, тогаш има смисла да се борам. Последиците можат да бидат разградување на Република Српска“, заклучи Додик.
Подготвено од М.Д.