pari 2

22.07.2024 Скопје

Ребалансот на буџетот во четврток ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според информациите од веб страницата на Собранието, седницата на Комисијата е закажана во 11 часот. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен најдоцна до првата недела од август.

Ребалансот беше усвоен на владина седница во вторникот, а во средата на прес-конференција во Владата го образложи министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска.

Растот на БДП е ревидиран од првично планираниот 3,4 проценти на 2,1 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти. Во втората половина на годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, додека расходите се проектирани на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна има зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари.

Според министерката за финансии, измените и дополнувањата на Буџетот се насочени кон ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со макроекономските движења во првата половина од годината, реструктуирањето на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски, како и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Подготвено од М.Д.

About Author