17.07.2024 Скопје
Светската економија ќе порасне за 3,2 отсто во 2024 година и за 3,3 отсто во 2025 година, се вели во јулската светска економска перспектива на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објавена денеска.
Прогнозата е непроменета во однос на претходниот извештај од април.
„Економската активност покажа отпорност на почетокот на годината, што беше поддржано од силната приватна потрошувачка во клучните економии“, изјави Жан-Марк Натал, заменик-раководител на Одделот за светски економски студии во Одделот за истражување на ММФ.
Тој предупреди дека глобалниот пад на инфлацијата во светот забавува поради постојаната инфлација во услужниот сектор, се наведува на веб-страницата на ММФ.
„Приоритет за креаторите на политиката е да се врати стабилноста на цените и да се реши наследството од неодамнешните кризи. Централните банки треба да бидат претпазливи во врска со олабавувањето на монетарната политика прерано и да останат отворени за дополнително затегнување доколку е потребно“, додаде Натал.
Според прогнозата на ММФ, американската економија ќе порасне за 2,6 отсто во 2024 година и за 1,9 отсто во 2025 година, додека економскиот раст на еврозоната ќе изнесува 0,9 отсто оваа година и 1,5 отсто следната година.
Кинеската економија ќе порасне за пет проценти во 2024 година и ќе забави до 4,5 проценти следната година, според Меѓународниот монетарен фонд.
Подготвено од М.Д.