10.07.2024 Скопје
Во Европа просечните плати стигнуваат до 7.000, во регионот до 2.000, а во Република Северна Македонија не можеме да дојдеме ни до 1.000 евра. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека и според просечната и според минималната плата сме последни во регионот. Ако порано бевме на петто место, в седумте поранешни југословенски републики, сега сме на седмо место според висината на просечната плата. Највисока плата има Словенија каде што изнесува над 1.500 евра, а најниска Македонија со 700 евра.
Европа одамна е далеку пред нас, но последниве години не претркаа сите екс ЈУ-републики и земјите од регионот. Поради тоа најголем дел од нашите работници во угостителството и туризмот заминаа на работа во Словенија и Хрватска, а оние од градежниот сектор во Србија за повисоки плати.
Од друга страна, Пешевски појаснува дека со плата од 22.500 денари газдите не може да очекуваат продуктивност. Нема мотивирани работници со вакви плати имајќи предвид дека нашите работници кога ќе заминат некаде во западноевропските земји се многу продуктивни, меѓутоа за многу повисоки плати.
Според последните пресметки на ССМ просечна месечна потрошувачка кошница изнесува 75.000 денари, што значи на едно семејство за да преживее му требаат две просечни плати.
Од ССМ велат дека ситуацијата во Република Северна Македонија е таква, бидејќи од вкупниот капитал што го прават газдите во текот на годината, само триесетина проценти одвојуваат за платите на работниците, додека седумдесетина проценти остануваат за исплата на дивиденди и други инвестиции, што е едно од најниските нивоа на соодносот на плата и на капитал на работодавците.
Инаку во Европа на врвот на листата со просечен годишен нето приход од 85.582 евра е Швајцарија, односно со просечна месечна плата од над 7.000 евра. Потоа следи Исланд со просечна плата од 53.885 евра, Луксембург е на трето место со заработка од 49.035 евра, во Норвешка годишната заработувачка изнесува 45.793 евра, во Холандија – 45.249 евра.
Подготвено од М.Д.