sudstvo

05.07.2024 Скопје

Довербата на граѓаните во правосудството судско-обвинителските институции е на рекордно ниско ниво, согласни се и експертите и луѓето од правосудната фела, но и политичарите како и дипломатските претставници во земјава. Сепак, секој од нив има свое видување за причините за тоа и како да се надмине ваквата состојба.

Тој додаде дека фронтот против криминал и корупција подразбира распуштање на републичкиот судски совет и советот на јавни обвинители.

„Во кампањата зборувавме дека создаваме фронт против криминалот и корупцијата и тој фронт подразбира дека ние ќе го распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Хритијан Мицкоски откако неговта партија и коалицијата победија на годинашните парламентарни избори.

Целта е, како што вели тој, спарување со криминалот и корупцијата. Неколку месеци подоцна откако Мицкоски стана премиер, тој не се откажува од првичната намера, нешто што наиде на големи негодувања во правосудната фела.

Страстите околу можноста за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители доживеаја кулминација кога премиерот Мицкоски изјави дека тој што има подобро решение треба да го каже. Ова особено се однесува на странските дипломати во земјава кои упатија сериозни критики во однос на идејата на премиерот.

„Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи. Во исто време, истите тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото. Истовремено тие во своите извештаи велат дека цутат криминалот и корупцијата и дека довербата во правосудниот систем е два-три проценти. Очигледно дека работите не функционираат. Логично е конструктивен и рационален човек кога ќе види проблем да бара решение. Еве, ние понудивме решение. Доколку тие знаат за подобро решение, нека дојдат, нека го понудат и да го прифатиме. Еднаш за секогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско – обвинителскиот систем. Вака, очиглено, не бива. Погледнете кои се нови членови на Судскиот совет и ќе ви биде јасно. Сведоци бевме на драмолетките во изминатиот период поврзани со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, порача вчера премиерот Мицкоски од Гевгелија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е директно мешање во независноста на судската власт и нагласи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија.

„Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Јасно е што треба да се прави, да се продолжи со брзи внатрешни реформи треба. Ова значи, како што реков, целосна имплементација на препораките од Оценската мисија, смета Гир.

Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека Судскиот совет е важно оружје кое што е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во институција која што им служи на своите граѓани, која што ќе ги штити невините и ќе ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот.

Судскиот совет, според Агелер, треба да го следи законот и даде отпор на политичките притисоци, затоа што, вели, Република Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.

„Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката е јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат“, рече Агелер.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, истакна дека иако е забележана зголемена видливост на дејствијата на Советот, неопходно е да се врати довербата на народот во судскиот систем.

„ Неопходно е да се врати довербата на народот во судскиот систем, како што е случај во мојата земја, каде 80 отсто од луѓето му веруваат на судскиот систем, меѓутоа тука тоа е само 8 отсто. Ова е загрижувачки низок процент и тоа треба да се подобри и тоа брзо. Напредокот на Судскиот совет заслужува пофалба како што е докажано со практиката на Советот пред една година, каде што видовме како незаконски беше договорен претседателот, како и други загрижувачки активности како што беа сомнителното рангирање, гласање за кандидати за судии и претседатели на судови“, рече Коп на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.

На иста линија со премиерот е и претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова. Сепак таа, во синоќешното интервју во „Само вистина“ беше повоздржана во одговорот на прашањето за распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Таму се потребни сериозни промени. Тие две тела се во моментов како да не постојат, можеме ние да ги менуваме со двајца нови, меѓутоа се потребни сериозни законски измени. Има веќе предлог-закон, за тоа е потребна дебата, да видиме што ќе правиме. Сериозни се критиките. Два-три проценти углед значи како да не постоите. Да беа доблесни, да беа етични ќе си поднесеа оставки по тие скандали што се случуваа. Моите забелешки се, а за тоа сме разговарале и во Венецијанската комисија, дали едно тело или две тела, дека тие не треба тие да се занимаваат само со избор и разрешување на судии и јавни обвинители, туку треба претпоставки за да создаваат независно судство. Како ќе создаваат ако не работат. И Антикорупциска имаше забелешка на тоа. Таму се потребни сериозни реформи“, изјави Сиљановска Давкоа.

Прашана дали ќе поддржи распуштање на цел состав, Сиљановска Давкова, рече дека таа не е творец на тој дел од програмата.

„За да се распушти нешто треба да има правен основ. Претпоставувам дека мислат дека вакви какви што се не треба да постојат, меѓутоа има во законот кои се условите за избор, ама и кои се условите за разрешување. Не можам да зборам во името на предлагачот, тоа е дел од програмата но знам дека двете тела не ја исполнија функцијата заради која беа формирани. Требаше да бидат гарантори на независното судство, требаше да бидат најголемите критичари на лошите судии, на лошите јавни обвинители“, изјави Давкова.

Иако се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и за сѐ она што како недостиг му се става на товар на судството, сепак судиите му се налутија на Мицкоски и уште претходно му порачаа политиката да не се меша во правосудството затоа што тоа има капацитет да ја подобри ситуацијата.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева е против распуштање на Советот, затоа што, според неа, одговорноста има име и презиме. како што кажаа таа, одговорноста не може да биде колективна.

„Како правник пред сѐ, не ја поддржувам тезата на колективна одговорност, мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, секој нека сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание или слично, изјави завчера Дамева.

Дамева нагласи дека ќе има последици доколку биде донесен нов Закон за Судскиот совет и дека најнапред, во периодот од распуштање до конституирање на нов Судски совет, ќе настане правен вакуум во кој постои опасност одредени постапки иницирани од граѓани за несовесно постапување на одредени судии да застарат.

Судството само треба да решава за своите потреби, порачаа судиите Александар Камбовски и Исамедин Лимани, новите членови на Судскиот совет избрани на средината од минатиот месец.

Прашан што мисли за распуштање на Советот, Камбовски рече дека нема што да мисли сега, бидејќи треба да се разгледаат новите предлози, а засега не ги знае.

„Секогаш е убаво судството да е независно. Тоа е една од властите во државата. Како што се независни другите власти, треба и судството да биде независно и само да решава за своите потреби“, додаде Камбовски.

Судијата Лимани, пак, се повика на законските и уставните одредби за независноста на Судскиот совет. Тој не одговори директно дали смета дека Судскиот совет треба да се распушти, туку кажа дека доколку треба да се прават други реформи, Собранието е тоа кое може да го смени Уставот.

„Бидејќи Собранието е законодавец и уставотворец, тие имаат надлежност да го менуваат Уставот, а може да донесат и други реформи“, рече Лимани.

Лесно е да се разреши Судскиот совет, проблемот е како ќе се изберат другите на соодветните места, смета академик Владо Камбовски.

Прашањето за разрешување на целиот Судски совет е доста комплексно и не е едноставно, бидејќи ако го разрешите советот со закон, тоа е големо прашање дали така може уставни тела да бидат разрешувани со обични закони, како и тоа дека ќе значи мешање во судската власт т.е. во автономното право на судиите да ги избираат своите членови во Судскиот совет, вели академик Владо Камбовски.

Камбовски, кој раководеше со работната група за реформа на Судскиот совет, согласно препораките на Оценската мисија на ЕУ, вели дека фокусот сега треба да се насочи во рамки на оние предложени решенија за зајакнување на одговорноста на членовите и процедурите што се таму предвидени за обезбедување на објективни постапки за избор на членови, транспарентност, одговорност, отчетност на работата на Судскиот совет.

„Законот обезбедува механизми како може не само самото Собрание, туку и други иницијатори на таа постапка да доведат до одговорност и разрешување на член на Судскиот совет за разлика од еден период кога фактички имавме еден неверојатен имунитет на членовите на Судскиот совет, тоа беше тело кое не одговараше пред никого и де факто и процедурите на покренување на постапки, иницијативи за утврдување на одговорност и разрешување не беа законски добро уредени. По мое мислење затоа треба да се оди по тој пат, да не се пребрзува со некои такви решенија. Се сеќавате дека на почетокот на онаа претходна влада имаше најава дека ќе дојде до генерален реизбор на сите судии. Лесно е да ги разрешите сите, но проблемот е после каде и како, на кој начин ќе ги изберете оние кои треба да бидат на тие места“, изјави Камбовски пред почетокот на завршната конференција на проектот „За правда – Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“.

Според Камбовски, кога се излегува со идејата за разрешување на целиот Судски совет, треба да се има предвид дека тој е во основа составен така што има доминација на членови од редот на самите судии и на тој начин е даден поширок простор за фактичка активност на тоа тело за заштита на независноста и самостојноста на судството.

„Самите судии кои се во мнозинство треба во прв ред да се загрижени или заинтересирани, обврзани да ја заштитуваат својата сопствена независност, непристрасност и самостојност. И од друга страна, состав од пет членови кои овозможуваат сепак да не дојде до некоја авторитарна позиција на самите судии во однос на целиот судски систем, туку да се овозможи и извршната власт, а тоа е претседателот како дел од извршната власт, односно Собранието, да имаат допир, увид, па на некој начин и согледби кои се неопходни за постапување на извршната власт и Собранието во поддршка на независноста и самостојноста на судството. Затоа е тој така компониран“, вели Камбовски.

Како што појасни тие главно се однесуваат и на актуелните прашања околу одговорноста на членовите на Судскиот совет и постапките за нивна одговорност, дисциплинска одговорност или постапка на разрешување, потоа на изборот на членовите на Судскиот совет и тоа помалку во однос на изборот од редот на судиите, а повеќе од редот на членовите што ги избира Собранието или по предлог на претседателот на државата.

Министерството за правда неодамна информира дека работна група ги изготвила предлог-измените на Законот за Судски совет врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ.

„Најважните новини кои се предлагаат е што на огласот на Собранието за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат ќе даваат интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата, адвокатската комора со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години. Ќе се зголеми судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите, ќе се зголеми работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието. Ќе се регулира начинот на избор на членови на Советот од Собранието следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК, ќе се воведе изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица и ќе се воведе ново правило согласно кое за да биде избран член на Советот од редовите на судиите, кандидатот треба да добие повеќе гласови од половината од излезените гласачи“, информираа од Министерството за правда.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски изјави дека Владата и Собранието имаат легитимно право и уставно овластување ако увидат слабости да изменуваат и да дополнуват одредени законски решенија и порачува дека „од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот“.

„Состојбите се општо познати. Појдовна точка е лошата перцепција на граѓаните, односно недовербата во правосудниот систем. Сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност, како што е Владата, Собранието да ги нормираат општествените односи или веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени и дополнување на одредени законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи“, изјави Костадиновски.

Подготвено од М.Д.

About Author