30.07.2024 Скопје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави и актуелен кандидат за шеф на Белата Куќа Доналд Трамп да го посети Киев.
Според Зеленски, тој за време на телефонски разговор го поканил Трамп во посета, напоменувајќи дека „ако господинот Трамп сака да знае нешто за Украина, може да дојде и да види со свои очи или да ме праша“.
„Разговаравме со неговиот тим, господинот Трамп ми кажа дека е достапен за сите прашања и дека го имам неговиот телефонски број“, кажа украинскиот претседател.
Зеленски во интервју за јапонската телевизија НХК ворлд кажа и дека Украина до крајот на ноември ќе изработи акциски план за постигнување мир.
Според него, Киев ќе почне „детални разговори со релевантни земји за прашањата на територијалниот интегритет“.
Освен тоа, Зеленски истакна дека не може да одговори на повиците за прекин на огнот додека Русија продолжува да окупира украинска територија.
„За завршување на војната потребни се трпение, поддршка и дипломатски притисок – тоа се трите фактори за праведен крај на војната“, оцени украинскиот претседател.
Подготвено од М.Д.