31.07.2024 Скопје
Рекордни 30 отсто од електричната енергија се произведени од сончева и ветерна енергија во Европската унија во првата половина од оваа година, за првпат повеќе отколку од фосилни горива, објави денеска истражувачкиот центар за енергетика во ЕУ, „Ембер“.
Заедно со хидроцентралите, обновливите извори произведуваа половина од електричната енергија во ЕУ, а сите извори со ниска содржина на јаглерод сочинуваа речиси три четвртини од производството.
Речиси половина од земјите-членки генерирале повеќе електрична енергија од ветер и сончева енергија отколку од фосилни горива, според Ембер во новиот извештај. Ова за прв пат годинава го постигнаа Германија, Белгија, Унгарија и Холандија.
Производството на електрична енергија од фосилни горива падна на историски минимум, иако побарувачката се зголеми и цените на електричната енергија се вратија на нивоата пред кризата.
Фосилните горива обезбедиле 17 отсто помалку електрична енергија во првите шест месеци од 2024 година во споредба со истиот период во 2023 година, што е пад на 27 отсто од производството од 33 отсто во истиот период во 2023 година.
Производството од јаглен е намалено за четвртина, а гасот за 14 отсто.
Ембер посочува дека тоа резултирало со намалување на емисиите на гас за 31 отсто во првата половина од годината во однос на првите шест месеци од 2022 година, што е „невидено намалување за толку краток временски период“.
Производството од сончева енергија се зголеми за 20 отсто, а од ветер за 9,5 отсто, така што нивното учество во енергетскиот микс на ЕУ се зголеми од 27 отсто во првата половина на 2023 година на 30 отсто во 2024 година.
Побарувачката на електрична енергија се зголеми за 0,7 отсто во првата половина на 2024 година, а благодарение на зголемениот капацитет и поволните услови, производството на енергија од ветер и сончева енергија повеќе од задоволуваше зголемувањето на побарувачката.
Во извештајот се наведува и дека и производството во хидроцентралите е зголемено за 21 отсто, по многу ниското производство поради сушите во изминатите две години.
„Растот на соларната и ветерната енергија во комбинација со закрепнувањето на производството на хидроенергија значи дека обновливите извори на енергија создадоа половина од електричната енергија во ЕУ во првата половина на 2024 година. Ова значително го надминува претходниот рекорд поставен минатата година од 44 отсто“, се вели во извештајот.
Производството од нуклеарна енергија е зголемено за 3,1 отсто.
Ембер посочува дека одржувањето на енергетската транзиција во ЕУ со ова темпо ќе бара поголем фокус на политиката на ублажување на бариерите за интеграцијата на ветерот и сонцето, како и соодветна поддршка за поврзување со мрежата.
Подготвено од М.Д.