01.07.2024 Скопје
Резолуцијата за Јасеновац, усвоена во Црна Гора, наметнува намерна политика на поделба во таа земја и станува збор за „инструментализација на друга држава во регионот“, кажа денес хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Пратениците на црногорскиот парламент вчера ја усвоија Резолуцијата за геноцид во Јасеновац, Дахау и Маутхаузен.
Опозициските пратеници ја напуштија салата и не учествуваа во изгласувањето на резолуцијата, тврдејќи дека официјален Белград го злоупотребува своето влијание во Црна Гора.
Пленковиќ оцени дека владејачкото мнозинство во Подгорица ја донело резолуцијата „а никогаш досега не се бавело со таа тема“ и дека таа е донесена како одговор на резолуцијата во Обединетите нации за Сребреница.
Тој порача дека Хрватска ќе преземе мерки кои ги смета за соодветни за вакви потези на „инструментализација на парламентарното мнозинство“ со цел нарушување на односите на Загреб и Подгорица.
„Наместо да се бават со своите проблеми и своите прашања, тие се бават со тема за која не покажуваа интерес во последните осум децении“, заклучи Пленковиќ, заканувајќи се дека оние кои сакаат членство во ЕУ мора да водат сметка за добрососедските односи и меѓусебното почитување.
Подготвено од М.Д.