PISTOLI NAPOLEON

09.07.2024 Скопје

Два богато украсени пиштоли кои му припаѓале на Наполеон I до неговата прва абдикација во 1814 година и се класифицирани како француско „национално богатство“ се продадени на аукција за 1,69 милиони евра, вклучувајќи ги сите дополнителни трошоци, објави аукциската куќа Осенат.

Пиштолите се продавале во дрвена кутија обложена со орев, абонос и зелено кадифе извезени со златни конци и други украси. Оружјето е изработено од златна и сребрена облога и го има профилот на императорот. Пред аукцијата, експертот Жан-Пјер Осенат процени дека вредното оружје може да се продаде за меѓу 1,2 и 1,5 милиони евра.

Аукциските куќи Осенат и Росини, организатори на аукцијата во Фонтенбло, не објавија информации за купувачот, но сметаат дека продажбата е многу успешна.

„Овие културни добра се исклучително важни за националното наследство како историски артефакти и мора да се категоризираат како национални богатства“, оцени пред почетокот на аукцијата Советодавната комисија за национални богатства и се заложи за забрана за издавање сертификати за извоз на вредните предмети.

Комисијата објави дека „пиштолите ги смета за национално богатство“, за што официјално го извести во приложената наредба со која се одбива нивниот сертификат за извоз. Одлуката во саботата беше објавена во Службен весник.

„Без разлика на неговата вредност и старост, културното богатство оценето како национално богатство може да ја напушти Франција само привремено со задолжително враќање во земјата“, се вели на веб-страницата на Министерството за култура.

Француската држава има право на првенствено купување, но доколку се откаже од правото на стекнување на предмет оценет како национално богатство, предметот во тој случај може да ја напушти националната територија.

Наполеон I „специјално ги нарачал пиштолите од мајсторот Луис Марин Госет кој тогаш работел во фабриката во Версај. Историчарите ги поврзуваат со обидот за самоубиство на Наполеон во Фонтенбло ноќта на 13 април 1814 година, во времето на неговата прва абдикација.

„Беше спречен да се обиде да се самоубие од неговиот придружник Коленкур (Арман Аугустин Луј, маркиз од Коленкур и војводата од Виченца) кој го извадил барутот.

„Царот потоа му подари на Коленкур два пиштола како знак на благодарност и сеќавање за неговата лојалност во тие црни денови. Оттогаш тие се во сопственост на неговите наследници кои сега одлучија да ги продадат“, рече експертот.

Подготвено од М.Д.

About Author