30.07.2024 Скопје
Бугарскиот претседател Румен Радев ѝ го даде мандатот за формирање влада на малата партија Има таков народ (ИТН) која го зазеде шестото место на минатомесечните парламентарни избори.
Малку е веројатно дека партијата ИТН ќе успее да формира владејачка коалиција откако тоа не им успеа на двете најголеми партии, ГЕРБ, партијата од десниот центар на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, и реформистичката Ги продолжуваме промените (ПП).
Доколку и овој обид за формирање влада пропадне, Бугарија ќе мора да организира седми парламентарни избори од 2021 година.
ИТН, која освои само 16 места во собранието со 240 пратеници на изборите на 8 јуни, нема да има временско ограничување за обид за формирање нова влада.
Лидерот на пратеничката група на ИТН Тошко Јорданов кажа дека ќе разговара со сите парламентарни партии, како и со независните пратеници и дека процесот на преговарање ќе биде исклучително транспарентен.
ГЕРБ на јунските избори освои најмногу мандати – 68, додека партијата ПП доби 39.
Бугарија, најсиромашната и најкорумпираната членка на Европската Унија се бори со честите промени на власта од масовните антикорупциски протести во 2020 година.
Од тогаш беа одржани пет избори по кои беа формирани коалиции кои брзо се распаднаа, потсетува британската агенција.
Подготвено од М.Д.