STAREENJE

18.07.2024 Скопје

Лек против стареење, кој може да им помогне на луѓето да живеат подолг и поздрав живот, е на повидок откако научниците го продолжија животниот век на цицачи за 25%.

Империјалниот колеџ откри дека исклучувањето на протеинот наречен интерлеукин 11 (IL-11) спречува рак, ги зајакнува видот и слухот и ги подобрува метаболизмот, здравјето на белите дробови и мускулната функција кај средовечните глувци.

Може дури и да ги спречи опаѓањето и побелувањето на косата.

Видеата објавени ги покажаа нетретираните глувци со сиви дамки на нивното крзно, загуба на крзното и зголемување на телесната тежина, додека, пак, третираните глувци изгледаа блескаво со дебело и сјајно крзно.

Третираните глувци, исто така, живееле во просек 155 недели, во споредба со 120-те недели кај нетретираните глувци.

„Овие наоди се многу возбудливи. Третираните глувци имаа помалку појави на рак и беа ослободени од вообичаените знаци на стареење и изнемоштеност, но видовме и намалено губење на мускулите и подобрување на мускулната сила. Со други зборови, старите глувци кои примале анти-IL11 третман биле поздрави. Иако овие наоди се само кај глувци, возбудливата можност лековите да имаат сличен ефект кај постарите луѓе е зголемена“, вели професорот Стјуарт Кук од Лабораторијата за медицински науки на Советот за медицински истражувања во Империјал.

Луѓето го наследиле генот за интерлеукин-11 од рибите пред стотици милиони години.

Но, иако таа адаптација била корисна тогаш – и сè уште помага во регенерацијата на екстремитетите кај некои видови – сега се смета дека во голема мера е непотребна кај луѓето и предизвикува задебелување и лузни на ткивата, како и воспаление, што доведува до стареење и појава на болести.

„Истражувачите ја добија идејата дека замолчувањето на IL-11 може да има импликации врз стареењето откако забележаа дека количината на протеинот драстично се зголемува кај лабораториските животни со возраста.- Од љубопитност, направив неколку експерименти за да ги проверам нивоата на IL-11. Од читањата, јасно можевме да видиме дека нивоата на IL-11 се зголемуваат со возраста и тогаш навистина се возбудивме. Откривме дека овие зголемени нивоа придонесуваат за негативни ефекти во телото, како што се воспаление и спречување на заздравувањето и регенерацијата на органите по повредата“, рече доцентот Аниса Виџаја од Медицинскиот факултет Дјук-НУС во Сингапур.

Тимот веќе открил дека протеинот предизвикува воспаление и го спречува правилното регенерирање на ткивата, па сакаше да види дали неговото исклучување може да го намали процесот на стареење.

Во првичниот експеримент на генетски уредувани глувци, на кои им беше избришан генот што произведува IL-11, едноставното бришење на генот го продолжи животот на глувците за повеќе од 20% во просек.

Потоа, научниците третирале глувци стари 75 недели – што е еквивалент на околу 55 години кај луѓето – со инјектирање на анти-IL-11 антитело, кое ги запира ефектите на IL-11 во телото.

Истражувачите рекоа дека резултатите биле „драматични“. Глувците живееле до 25% подолго, а третманот значително ја намалил смртноста од рак кај животните, како и спречување на болести предизвикани од фиброза, хронично воспаление и од слаб метаболизам.

„Глувците имаа посилни мускули, подобри бели дробови, подобра кожа, подобар слух, подобар вид, повеќекратни подобрувања. Значи, не само што можеме да го направиме тоа со бришење на генот од раѓање, туку може да го направиме со терапевтски лек даден подоцна во животот, што ја отвора оваа можност сега да им се пренесе на луѓето. Нашата цел е еден ден терапијата против IL-11 да се користи што е можно пошироко за да можат луѓето ширум светот подолго да водат поздрав живот“, додаде професорот Кук.

Три компании во моментов имаат анти-IL-11 третмани во човечки клинички испитувања за лузни на белодробна болест, фиброзно заболување на очите и за рак.

Компанијата „Лесен тирапеутикс“ (Lassen Therapeutics), која спроведува испитувања во САД, рече дека лекот има „одличен безбедносен профил“, а експертите рекоа дека би било релативно лесно да се започне испитување поврзано со ефектите врз стареењето.

Подготвено од М.Д.

About Author