23.07.2024 Скопје
Вчерашната информација дека српската полиција приведе тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“ поради сомневање дека сториле кривично дело шпионажа во корист на компанијата „АТС груп“ од Република Северна Македонија, ја врати приказната за Шевкет Демировски, сопственикот на оваа компанија, и неговите поранешни слични активности во Србија. Оваа информација ја врати и необјавената приказна неговиот дипломатски пасош добиен од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Пред три месеци, прашањето до МНР беше според кои критериуми е доделен дипломатскиот пасош на Демировски, кој во Србија уште во 2019 година беше притворен за шпионажа.
Тројцата српски инженери вчера биле приведени затоа што во текот на 2024 година континуирано контактирале со државјани на Република Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, на чело со Шевкет Демировски.
И во ноември 2019 година медиумите објавија слична информација. Судот во Белград тогаш одреди 30 дена притвор на четворица осомничени меѓу кои и за македонскиот стопанственик Шефкет Демировски за кражба на индустриска сопственост.
Демировски во Република Северна Македонија е познат како сопственик на „АТС груп“, компанија која произведува муниција и воена опрема. Тој и уште тројца српски државјани во ноември беа осомничени за илегално откупување на документација која се води како воена тајна, а се однесува на машини за правење на куршуми за снајпер, која потоа би се искористила за добивање комерцијална предност.
Демировски во ноември беше уапсен во хотел во Белград за време на примопредавање на украдена документација од српската фабрика за наменско производтсво „Први Партизан“ од Ужице.
Бизнисменот подготвил 30.000 евра за поткуп на тројца вработени од фабриката и еден пензиониран инженер. Демировски, кој прибирал документација од фабриката за муниција „Први Партизан“ од Ужице, делото го сторил со цел да изработи машина за производство на муниција со калибар 12,7 мм во погоните на некогашната фабрика за муниција „Сувенир“ во Македонски Брод, како и во фабриката за оружје во Катар, каде е косопственик.
Фабриката „АТС груп“ е сместена во индустриската зона Визбегово и произведува композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичка заштита и балистичка безбедност. Тоа значи шлемови, елеци и други реквизити за лична заштита на професионалните војници и полицајци. АТС Груп развива нови производи за елитните специјални сили. Производството е под континуиран надзор на експерти образовани за наменско производство и под надворешна контрола на странски деловни партнери според ISO 9001 стандардите.
Производството е според стандарди и препораки кои ги бара НАТО и САД.
„Атс груп“ е гринфилд инвестиција од три милиони евра која на почеток започна со вработување на 80 лица. Годишниот обрт на производството на компанијата достигнува и до 30 милиони евра. Финалниот производ е наменет за извоз на странските пазари пред се во Европа, Турција и Катар.
Подготвено од М.Д.