11.07.2024 Скопје
Унгарскиот премиер Виктор Орбан утре ќе се сретне со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, се дознава од упатени извори.
Орбан може да отпатува во одморалиштето на Трамп Мар-а-Лаго во Флорида по самитот на НАТО во Вашингтон, каде сојузниците го потврдија „неповратниот“ пат на Украина до членство, како и 43 милијарди долари финансирање за следната година.
Претходно, унгарскиот лидер во својата „мировна мисија“ ги посети Украина, Русија и Кина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Киев го отфрли предлогот на Орбан за прекин на огнот.
Орбан со години има одлични односи со конзервативците во САД и е единствениот европски лидер кој е отворено пријателски настроен кон Кремљ. Од почетокот на руската инвазија во неколку наврати зборуваше високо за Трамп, пофалувајќи го како „човек на мирот“.
Претседателскиот кандидат на Републиканската партија постојано вели дека може да ја заврши руската војна во рок од 24 часа доколку биде избран за претседател, без да наведе чекори за постигнување мировен договор меѓу Киев и Москва.
Трамп не побарал од Орбан да ја постави основата за мировен договор меѓу Украина и Русија, изјави еден од изворите за Тајм, опишувајќи ја утрешната посета како „понеформална“.
Подготвено од М.Д.