ONKOLOGIJA SKOPJE

05.07.2024 Скопје

Пациентки со рак на дојка повторно се оставени во исчекување дали и кога ќе добијат лек. Универзитетската клиника за онкологија се соочува со дефицит на лекот „Золадекс“ кој се прима на одреден период. Новиот директор, д-р Игор Стојковски вели дека работат на решавање на проблемот за што поскоро да стигне до пациентите.

„Се јави недостигот на лек поради зголемената потрошувачка од една страна, а од друга страна дека пациентите од внатрешноста што примаат терапија „Золадекс“ се праќани на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија за да го продолжат третманот. Во моментот со службите за јавни набавки бараме и се надевам дека брзо ќе најдеме решение на проблемот“, вели Директорот на УКРО, Игор Стојковски.

Освен недостигот на лекови, клиниката се соочува и со сериозен недостиг од персонал. Директорот вели дека нови вработувања ќе му бидат меѓу приоритетите за да може да се одговори на потребите на пациентите.

Пациентите од внатрешноста пак кои се приморани да патуваат до главниот град, апелираат да се овозможат услови за лекување и во регионалните болници.

Подготвено од М.Д.

About Author