04.07.2024 Скопје
Членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе ја прошират цивилната јурисдикција на западната воена алијанса во Украина, изјави портпаролот на Алијансата.
Високиот претставник ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на Алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руската инвазија.
Одлуката да се испрати постојан специјален пратеник доаѓа пред самитот на НАТО во Вашингтон од 9 до 11 јули, каде што се очекува лидерите за првпат официјално да усвојат план за координирање на воената помош за Украина во рамките на официјалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина (НСАТУ).
Засега не се знае кој ќе биде назначен на новата функција во Киев. Портпаролот рече дека сѐ ќе се знае подетално по официјалниот процес на селекција.
НАТО има официјално претставништво во Киев речиси десет години, вклучително и канцеларија за врски, како и центар за информации и документација кој постои од 1990-тите.
Ова претставништво, меѓу другото, е задолжено за контакти со украинските министерства и власти за унапредување на политичкиот дијалог и практичната соработка.
Новата официјална мисија на НАТО ќе ја надгледува и обуката на украинските војници во земјите-членки на НАТО. Досега, земјите-членки на Алијансата ја координираа воената помош не преку НАТО, туку преку неформалната Контакт група за одбрана на Украина предводена од САД.
Сепак, европските сојузници беа загрижени за тоа колку би можеле да се потпрат на Контакт групата предводена од САД доколку Доналд Трамп победи на американските претседателски избори во ноември, сомневајќи се во неговата подготвеност да продолжи со воените напори на Украина во војната со Русија.
Подготвено од М.Д.