30.07.2024 Скопје
Пратеници од најмалку шест земји, меѓу кои и Република Северна Македонија, се соочиле со притисоци од кинески дипломати да не присуствуваат на конференција во Тајван со фокус на Кина. Останатите пратеници се од Боливија, Колумбија, Словачка, Босна и Херцеговина и една неименувана азиска земја.
Дел од нив биле контактирани со пораки, дел со повици, со барања за итни состаноци. Еден од нив бил поканет да патува во Кина, наместо во Тајпеј. Сите се делегати на годишниот самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), македонски претставници се Антонио Милошоски и Фатмир Битиќи. Двајцата, сепак, отпатувале за Тајван.
И Милошоски и Битиќи потврдија дека биле контактирани од кинеската амбасада. И лично и преку партиите. Асошиејтед прес ја пренесува пораката што ја добил Милошоски, како и уште други двајца делегати.
„Јас сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека добивте покани од ИПАК. Дали ќе присуствувате на конференцијата што ќе се одржи наредната недела во Тајван?“.
Во дел од случаите, како што велат дел од делегатите за Асошиејтед прес, контактите биле со позаканувачки тон.
„Тие стапија во контакт со претседателот на мојата политичка партија и го замолија да ме спречи да одам во Тајван. Тие се обидуваат во мојата земја да ме спречат да патувам. Ова навистина не е во ред. Навистина се борам против земји или општества во кои алатка за манипулација и контрола на луѓето е стравот. Навистина го мразам чувството кога некој те заплашува.
Кинеското Министерство за надворешни работи засега е без коментар. Директорот на ИПАК, Лук де Пулфорд за притисоците рече дека се „грубо странско мешање“ и според него, целта на кинеската страна, се чини, дека биле пратеници од помали земји. Интерпарламентарната алијанса за Кина изрази жалење и осуда за притисоците и обидот на Пекинг да се меша во нејзиниот годишен самит.
Годинашниот самит е четврти на Интерпарламентарната алијанса за Кина и за првпат се одржува во Тајван, со учество на 48 делегати од 24 држави од пет континенти.
Подготвено од М.Д.