05.07.2024 Скопје
Златан Ибрахимовиќ откри дека поранешниот директор на ЛА Галакси, Јован Кировски ќе биде одговорен за академијата на Милан, вклучувајќи го и вториот тим на „росонерите“, Милан Футуро.
Милан е третиот клуб од Серија А кој реши да лансира втор тим, кој ќе игра во Серија Ц во 2024/25.
Златан Ибрахимовиќ на новинарите им објасни како ќе фунционираат работите и откри дека Јован Кировски, кој има македонско потекло, ќе биде главен на проектот а Даниеле Бонера ќе биде тренер на вториот тим на „росонерите“.
Јован Кировски е роден во Калифорнија како син на македонски имигранти. Фудбалската кариера главно му е во Европа, почнува во младинската школа на Манчестер јунајтед но никогаш не заигра за првиот тим на „ѓаволите“.
Потоа настапуваше за Борусија Дортмунд, Фортуна Келн, Спортинг Лисабон, Кристал Палас, Бирмингем Сити, Лос Анџелес Галакси, Колорадо Рапидс и Сан Хосе.
Кариерата ја заврши во ЛА Галакси, каде остана да работи и стана технички директор. Тој беше еден од главните виновници за трансферот на Златан Ибрахимовиќ во САД, токму во редовите на ЛА Галакси.
Подготвено од М.Д.