makedonija i bugarija

30.07.2024 Скопје

Скопје и Софија во слепа улица – Коридорот 8 наместо поврзување, нов проблем.

Откако бугарската влада порача дека е вознемирена од изјавите на македонската влада, за пренасочување на европските средства за изградба на пругата кон Бугарија, премиерот Мицкоски, изјави дека станува збор за инженерски проблем и дека жали што Бугарија за внатрешно – политички потреби, прави политика, место да покаже проект од бугарската страна.

„Тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра, пари како кредит или од буџетот, практично граѓаните и 200 милиони пари на европските даночни обврзници за 24 километри, 22 тунели, кои што ќе завршат на пола тунел во слепа улица, без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна. Бидејки таму нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи. Велиме, дајте да го видиме проектот од бугарска страна. Нема“, изјави Мицкоски.

Официјална Софија денеска порача дека Коридорот 8 е транспортен проект кој е дел од Договорот за добрососедство и дека со вознемиреност се следат изјавите на официјалните македонски политичари, кои според бугарската влада, се насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување.

„Коридорот 8 е дел од Договорот за добрососедство од 2017 година, како и во неговите протоколи од 2019 и 2022 година. Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Република Северна Македонија од ноември 2023 година, декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн“, велат од Владата на Република Бугарија.

Пред два дена специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, изјави, дека Коридорот 8 е од стратегиско значење за регионот. Според Сарацин, новата влада во Скопје изминатава недела покажала дека е изгубен интерес за негово спроведување. Коридорот 8 треба да ги поврзе италијанското пристаниште Бари и албанското Драч со Скопје, Софија и Црното Море.

Подготвено од М.Д.

About Author