AVTOPAT KICEVO-OHRID

02.07.2024 Скопје

Во ЈП за државни патишта е пристигната информација дека последниот дел од кредитот од кинеската EXIM банка за изградба на патот Кичево – Охрид е одобрен од банката и многу скоро ќе бидат префрлени парите. Вториот дел од кредитот за оваа автопатска делница од 57 километри која се гради веќе цела деценија беше договорена со анексот од 2018-та година. Изнесува 211 милиони долари.

Дополнително, по појавата на новите свлечишта на трасата на Кичево – Охрид, рокот беше пролонгориран со уште еден анекс преку измени на законот за кредитот. Сега крајниот рок за изградба е 1 јануари 2026-та.

Но, кредитот не беше автоматски исплатен, туку државата во банката мораше да ги достави законските измени, како и други податоци за пролонгирање на изградбата. По неколку месеци проверка, кинеската банка го одобрила реализирањето на овој дел од кредитот.

Кога кредитот ќе биде префрлен, прво што ќе се направи ќе биде исплатата на околу 20 милиони евра заостанати неисплатени рати кон кинеската компанија Синехидро и македонските подизведувачи кои го градат патот.

Патот Кичево – Охрид се гради цела деценија. Досега за негова изградба се одобрени и земени кинески кредити во вредност од околу 772 милиони долари (нешто повеќе од 600 милиони евра). Поранешната власт на СДСМ и ДУИ се правдаше дека новите свлечишта и лошото планирање се причина за спората работа, додека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ги обвинуваше за неспособност да го реализираат проектот.

Крајниот рок за изградба по новиот анекс на договорот е 1 јануари 2026-та година, а за време на изборната кампања повеќе партии овој датум го ставија како ветување во своите изборни програми.

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид е дел од ревизијата на Државниот Завод за ревизија за неуспешните капитални инвестиции чие изведување е оценето како неуспешно и нереализирано со дополнително зголемување на цената, како и непотребни трошоци за неискористени кредити.

Подготвено од М.Д.

About Author