09.07.2024 Скопје
Јуни 2024 година беше најтоплиот јуни досега, и беше 13-тиот месец по ред со рекордни температури, според Европската климатска служба Коперник. Минатиот месец беше, воедно и 12-тиот месец по ред откако светот е за 1,5 степени Целзиусови потопол од прединдустриското време.
„Остро предупредување е дека сме се поблиску до оваа многу важна граница поставена со Парискиот договор“, рече во интервјуто Николас Жулиен, постар климатски научник од Коперник. „Глобалната температура продолжува да се зголемува. Тоа е со брзо темпо“.
Таа граница за температура од 1,5 Целзиусови степени е важна затоа што тоа е границата за затоплување за која се договорија речиси сите земји во светот со Парискиот климатски договор од 2015 година, иако Жилиен и другите метеоролози рекоа дека прагот нема да биде надминат додека не дојде до долгорочно траење на продолжена топлина – дури 20 или 30 години.
„Ова е повеќе од статистичка необичност и ја нагласува континуираната промена во нашата клима“, рече директорот на Коперник, Карло Буонтемпо во изјавата.
Наскоро би можело да заврши повеќе од една година долгата серија на рекордни горештини на Земјата, но не и климатскиот хаос што настанал со него, велат научниците.
Земјината топка за јуни 2024 година во просек изнесуваше 16,66 степени Целзиусови, што е за 0,67 Целзиусови степени над 30-годишниот просек за месецот, според Коперник. Тој го собори рекордот за најтопол јуни, поставен една година порано, за 0,14 степени Целзиусови и е трет најтопол месец според податоците кои ги собира Коперник, а кои датираат од 1940 година, при што е помалку топол само од минатиот јули и минатиот август.
Не е дека рекордите се рушат месечно, туку тие се „рушат со многу значителни маргини во изминатите 13 месеци“, рече Џулиен.
Подготвено од М.Д.