19.07.2024 Скопје
Законот за заштита на евгеника, кој важел од 1948 до 1996 година, им дозволил на властите насилно да ги стерилизираат болните луѓе, вклучително и оние со ментални нарушувања, наследни болести или физички деформитети и лепра.
Контроверзниот закон дозволуваше и присилни абортуси доколку еден од родителите бил болен. Најмалку 25.000 луѓе се стерилизирани поради тој закон, рече Кишида, кој вчера во својата службена резиденција се сретна со околу 130 живи жртви на присилната стерилизација.
„Решив да се сретнам со вас денес за лично да го изразам моето каење и извинување за огромното физичко и психичко страдање што го претрпеа многу луѓе според поранешниот Закон за заштита на евгениката“, рече Кишида.
Тој додаде дека законот е неуставен и дека ги нарушува човековите права и достоинството на поединци. Тој потврди дека им наредил на властите да подготват нов план за компензација за преживеаните, без да даде детали. Владата претходно понуди отштета од 3,2 милиони јени (околу 19.000 евра) по тужител, но тужителите се согласиле дека тоа е премалку.
Тужителите извојуваа значајна победа претходно овој месец, кога јапонскиот Врховен суд ѝ наложи на владата да плати 16,5 милиони јени (околу 97.000 евра) на секој тужител и 2,2 милиони јени (околу 13.000 евра) на нивните сопружници.
Кикуо Коџима, еден од тужителите, опиша како бил однесен во болница кога имал 19 години, каде што бил наречен „шизофреник“ и бил принуден на евгенска операција. „Никогаш нема да го заборавам тоа“, нагласи тој.
Други тужители рекоа дека биле врзани за кревет со години по операциите, се соочувале со дискриминација во текот на нивниот живот, не биле способни да работат поради физички и ментални пречки и сакале нивните тела да се вратат во нивната „првична“ состојба.
Јапонија доживеа краток бејби бум по Втората светска војна, што ги вознемири властите кои се бореле со големиот недостиг на храна низ целата земја и економијата разурната од војна. Владата побрзала да спроведе мерки за контрола на населението, вклучително и национална кампања за промовирање на контрацепција и Законот за заштита на евгениката.
Целта на законот беше „да се спречи зголемувањето на инфериорното потомство од евгенска гледна точка и да се заштити животот и здравјето на мајката“. Покрај официјалното извинување, тужителите побараа и закон за обесштетување од кој корист ќе имаат сите преживеани, дури и оние кои не поднеле тужби.
Подготвено од М.Д.