25.07.2024 Скопје
Државното обвинителство на Милано се сомнева дека Амазон незаконски склучува поддоговори за операциите за испорака со цел да ги сведе трошоците за работната сила на минимум и да плати помалку данок.
Обвинителите во Милано отворија повеќе од десетина слични истраги, сомневајќи се дека DHL, GLS, Uber, Lidl, BRT, Geodis, Esselunga, Securitalia, UPS, GS, групацијата Carrefour и GXO исто така ја користат оваа практика. На почетокот на јули од GXO заплениле 84 милиони евра.
Во налогот за заплена од 121 милион евра на италијанската филијала на Амазон, стои дека компанијата не плаќала ДДВ, придонеси за пензија и здравство. Италијанските власти во соопштението за печат споменуваат „сложена даночна измама“, преку „незаконски механизам за фактурирање на „законски непостоечки“ работни места, во однос на договорите со подизведувачите.
Механизмот се уште е во употреба и предизвикува големи загуби на италијанскиот буџет, заедно со континуираната експлоатација на работниците во корист на Amazon Italia Transport, се посочува. Во соопштението за медиумите, Амазон нагласи дека ги почитува сите релевантни закони и прописи во сите земји во кои работи, додавајќи дека истото го бара и од компаниите со кои соработува.
„Усвоивме високи стандарди, и за нашиот сопствен бизнис и за добавувачите и кодекс на однесување што добавувачите мора да го почитуваат за да соработуваат со нас“, се додава во соопштението на компанијата. „Ќе продолжиме тесно да соработуваме со властите во текот на истрагата“, додаваат тие.
Подготвено од М.Д.