GTC SKOPJE

11.07.2024 Скопје

Наплатата на паркинг лани е втора најголема ставка во сите приходи на државниот Градски трговски центар (ГТЦ)Скопје, некогашната скопска гордост и најпрестижна и најпосетена локација за шопинг и забава. Официјалните податоци покажуваат дека ГТЦ лани од својот подземен паркинг наплатил 518.000 евра што е за 50 отсто поголем приход од оствареното во 2022 година. Според податоците од годишниот извештај менаџментот на државната компанија успеал солидно да ја зголеми ефикасноста на наплатата или пак тоа се должи тоа што паркирањето поскапело. Тоа ќе остане дилема затоа што за жал во годишниот извештај нема детално објаснување.

Анализатата на податоците од годишниот извештај покажува дека претежна дејност на државниот ГТЦ со 194 вработени е одржувањето. Од своите услуги за тековно одржување кое го наплаќа од кираџиите и од сопствениците на продавниците ГТЦ лани наплатил 3 милиони евра. Тоа е убедливо најголемата приходна ставка во структурата на вкупните приходи кои лани изнесувале 4,1 милиони евра.

Од наемнини што треба да биде неговата основна дејност, барем на хартија, компанијата наплатила 368.000 евра. Приходот од нивната куглана „Мусандра“ лани изнесува 15.000 евра.

Кај расходите најголемо е учеството на трошоците за вработените. Во тотал тие изнесуваат 1,57 милиони евра. Од тоа за нето плати на 194 вработени се издвоени 1,05 милиони евра. За К-15 се издвоени 62.000 евра. Просечната нето плата по вработен е меѓу пониските во државата, и изнесува 27.867 денари по вработен.
Кога се анализираат расходите вреди да се истакне и тоа што лани ГТЦ за струја платил 815.000 евра, а за топлинска енергија (градско парно) потрошиле 539.000 евра.

Вкупните расходи на друштвото лани изнесувале 4,54 милиони евра, а фирмата втора година по ред завршува со загуба во работењето. За лани таа изнесува 458.000 евра.

Податоците од годишниот извештај потврдуваат дека ГТЦ е само државно претпријатие за оддржување. Затоа што од вкупно 595 деловни единици ГТЦ располага само со 116 деловни простори со вкупна површина од околу 10.700 квадратни метри. Од нив издадени се само 70 деловни простори со површина од 6.500 квадратни метри. Дури 479 дуќани во ГТЦ се во приватна сопственост, а нивната корисна површина е над 35.600 квадратни метри.

Подготвено од М.Д.

About Author