ZLATKO PERINSKI

15.07.2024 Скопје

По повеќе од година и пол минати откако Златко Перински беше разрешен како директор на Водовод и канализација – Скопје од страна на Данела Арсовска, сега е министер за локална самоуправа кој вели дека повеќе не и се лути на скопската градоначалничка за фамозните „Рачиња во медот“.

Но, вели дека по толку минато време главниот град е пред колапс во своето функционирање, а комуналните претпријатија се пред опасност да останат без вработени.

„Ви ги спомена средбите кои што ги одржуваме во владата со градоначелниците по планските региони. Само Арсовска не се појави на таа средба. Уредно беше поканета. Значи, навистина, немам потреба да ме влече гнев од минатото и сега да од позиција на моќ јас нешто да правам или репресирам некако. Напротив, стојам на располагање за секој оној кој што сака да направи нешто добро во оваа држава. Отворени му се вратите на Министерството. И во иднина, еве и апелирам, во секое време доколку мисли и цени дека можеме како Министерство некако да помогнеме, добредојдена е“, вели Перински.

Перински не ја добил најавената кривична пријава за мешање во тендерот за изградба на пречистителната станица во Скопје.

„На самата прес-конференција која јас ја одржав во рамки на „Водовод и канализација“ дента кога дојде да ме разрешува и кога ни упадна практично на прес-конференцијата, јас бев тој кој што ги повика институциите да ги проверат сите наоди, затоа што јас бев сигурен во тоа што го зборував тогаш, а еве и после две години практично тоа и се потврди. И самите банки инвеститори, странските банки инвеститори, ме потврдија дека тоа што тогаш го кажував било така како што е. И ние бевме отворени за соработка, јас дадов исказ секаде каде што ме повикаа и нема никаква кривична пријава, затоа што нема основ за таква кривична пријава. Мене ми е жал, што во изминатите две години, после оној политички циркус кој беше криран од страна на Градот Скопје, освен потпишувањето на договорот за изградба на пречистителната станица во Скопје, ништо не се случува. Тоа нас суштински треба да не загрижи. Тука е главното прашање. Зошто не се случува?“, вели тој.

Подготвено од М.Д.

About Author