rke bitola prekin blok 1

15.07.2024 Скопје

Дефекти повторно го тресат најголемиот македонски производител на струја РЕК Битола.

Поради испад на 110 киловолтна собирница на МЕПСО, битолскиот комбинат прекина со работа, од синоќа е ставен во функција Блок 1. Но, не пројде долго време, а блокот повторно има проблеми, па денеска пак ќе биде исклучен, велат од РЕК Битола.

„Неочекуваниот испад на блокот заради прекин на напојувањето, предизвика проблем во котелот на Блок 1, заради што постројката во текот на денот ќе биде исклучена од мрежа. Се очекува санацијата на проблемот да заврши до понеделник, по што Блок 1 ќе биде повторно ставен во функција и РЕК Битола да продолжи со работи со два блока. Во тек се пуштачки операции на Блок 3 кои вчера беа прекинати заради испадот на 110 киловолтна собирница на МЕПСО. Постројката ќе биде ставена на мрежа во текот на денешниот ден. Ремонтот на Блок 2 на РЕК Битола се одвива непречено и согласно предвидената динамика“, велат од РЕК Битола.

За четири месеци, ова е трет дефект во РЕК Битола. Комбинатот е стар повеќе од 40 години и според мислењето на експертите, столбот на електропроизводството на земјава  е изамортизиран. Планот е овој комбинат кој струја произведува од јаглен, да се трансформира во гасна централа, пред целосно да се исклучи. Иако по енергетската криза во земјава почнаа да се реализираат инвестиции во обновливи извори на енергија, по степенот на развојот во енергетиката, Република Северна Македонија е зад Украина која неколку години е во војна, но и зад Србија и Црна Гора.

Минатиот месец премиерот Христијан Мицкоски најави голема странска инвестиција на шпанската Алказар Енерџи, која во втората половина од идната година ќе почне да гради ветерен парк со 55 ветерници, кој треба да биде готов во 2027-та. Неговиот капацитет ќе биде 400 мегават часови, што е повеќе од половина од производството на РЕК Битола или 20 проценти од потребите на земјава.

Подготвено од М.Д.

About Author