02.07.2024 Скопје
Од 1 јануари до 18 јуни годинава Германија одобри извоз на оружје во вредност од рекордни 7,48 милијарди евра, што е за 30% повеќе во однос на истиот период лани.
Оваа информација ја пренесе агенција, повикувајќи се на одговорот на Министерството за економија на барањето на пратеничката од Бундестагот Севим Дагледен од партијата Алијансата на Сара Вагенкнехт – за разум и правда.
Значителен дел од овој извоз – во износ од 4,88 милијарди евра, што е околу 65% од вкупниот – е наменет за Украина.
Второто место меѓу купувачите на германско оружје го зазеде Сингапур (1,21 милијарди евра), а трето Индија (153,75 милиони евра). На четврто место е Саудиска Арабија со 132,48 милиони евра, што е овозможено со фактот што Берлин ги укина повеќето ограничувања за продажба на оружје на Саудиска Арабија, воведени по убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година. Петти најголем купувач е Катар со 100 милиони евра.
Во 2023 година, Германија одобри извоз на оружје во вредност од 12,2 милијарди евра, поставувајќи нов рекорд.
Подготвено од М.Д.